Седумдесет и осумгодишен маж во Загорје останал без 125.000 евра откако наседнал на компјутерска измама и контактирал лице кое му нудело да инвестира во криптовалути преку социјалните медиуми, соопшти полицијата.
Мажот постојано депонирал пари според упатствата на таканаречениот брокер, по што му била прикажана наводна голема добивка. По последователната проверка на сметката, тој утврдил дека средствата не се остварени со заработка, туку се префрлени од неговата банкарска сметка.
Хрватската полиција вели дека вкупната материјална штета изнесува 125.000 евра и дека ќе бидат поднесени кривични пријави за компјутерска измама, додека кривичната истрага за пронаоѓање на сторителот сè уште е во тек.
„Ги повикуваме граѓаните да бидат внимателни и да не споделуваат лични и банкарски информации со непознати лица или да инсталираат апликации според нивните упатства. Бидете добро информирани кога инвестирате и побарајте финансиски совет од надлежните хрватски институции пред да инвестирате пари. Не верувајте на упорни непознати лица кои ве убедуваат да тргувате со криптовалути иако немате искуство во тоа и ве убедуваат дека тоа е едноставен начин на водење бизнис“, соопшти Полициската управа Крапина-Загорје.








