Сѐ поголем број пациенти, особено од помладата популација, се соочуваат со анксиозност и стрес, што директно се одразува врз зголемената употреба на медикаменти. Д-р Драган Ѓорѓиевски предупредува дека ова станува сериозен општествен и здравствен предизвик.
„Она што го приметуваме е драстичното зголемување на анксиозноста кај пациентите, особено кај помладите. Затоа имаме и зголемена употреба на антидепресиви и дијазепами“, вели Ѓорѓиевски.
Тој посочува дека причините се повеќеслојни – од стресниот начин на живот, преку социјалните мрежи, до економските притисоци и ниските плати.
„Пациентите доаѓаат тензични и вознемирени – од работа, од административни процедури, од секојдневни проблеми. Многу матични лекари велат дека тие се портата за одржување на мирниот социјален живот во државата, бидејќи се соочуваат со сѐ поголем број вакви случаи“, додава Ѓорѓиевски.
Според него, овој тренд јасно укажува дека менталното здравје станува еден од најгорливите проблеми во општеството.








