Ракометарите на ГРК Охрид во драматична завршница и со гол во последната секунда славеа над бранителот на титиулата во Суперлигата, тимот на Еурофарм Пелистер со 27:26, резултат на кој најмногу се израдува Вардар, кој повеќе од извесно е дека ќе биде новиот македонски шампион.
Во Битола беше многу жешко на ракометното дерби, Охрид како победник си замина дома и сега е израмнет бодовно со Пелистер, двата тима имаат по 42 бода. но битолчани имаат многу потежок распоред до крај, а треба допрва да гостуваат и во Охрид, па многу лесно може да ја загуби и втората позиција на табелата.
Мечот беше изедначен во целиот тек, двете екипи се менуваа во водство, на полувремето битолскиот тим имаше водство од 13:11. На почетокот од второто полувреме дојдоа и до три гола позитива, беше 16:13, но потоа следуваа минути на Охрид по кои направија комплетен пресврт и поведоа со 18:17. До крајот на мечот беше исклучително тензично, а дуелот заврши со гол во последната секунда за Охрид кој беше дело на Стрмљан за конечни 27:26.
Најефикасен во составот на Охрид беше Стрмљан со пет голови, по четири дадоа Јагуриноски и Ќосевски, за Пелистер, Манасков реализираше шест пати, Кузмановски даде четири голови.
По 26 одиграни кола Вардар е лидер со дури осум бодови предност, Пелистер и Охрид имаат по 42 бода, а четврти е Алкалоид со 40 бодови.








