Државата треба да го стимулира плаќањето придонеси за да имаме стабилен пензиски систем, изјави директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов за ТВ Телма.
На констатацијата дека Фондот се соочува со проблеми и недостиг на средства тој рече дека без разлика на проблемите пензии ќе има.
„Граѓаните да бидат сигурни дека пензискиот систем никојпат не може да колабира во една држава, затоа што исплатата на пензиите ја гарантира државата, односно владата. Тоа е и содржано во Законот за ПИО, каде што е пропишано дека сите недостатоци во врска со недостаток на средства во однос на прибрани придонеси за пензиско и инвалидско осигурување ќе ги покрие владата од државниот буџет. Граѓаните треба да бидат стабилни, смирени и сигурни дека пензии ќе се исплаќаат во една држава, односно во Република Македонија сѐ додека постои државата“, нагласи Мемов.
Тој одговори и на прашањето за тоа кој е соодносот на бројот на вработени и пензионери што е од клучно значење за прибирање на доволно средства за да може да функционира системот, при што рече дека сега соодносот е 1,64 вработени на еден пензионер. Тој додаде дека соодносот, на пример, во 2016 изнесувал 1,86, а од 2019 година континуирано се намалува.
Запрашан за тоа колку средства одвојува државата за трансфери кон Фондот, Мемов рече дека во 2024, 2025 и за оваа 2026 трансферите се зголемуваат, имајќи го во предвид скалестото зголемување, односно усогласувањето на пензиите.
-Граѓаните знаат дека за една и пол година, односно од септември 2024 до први април 2026 година пензиите се зголемени за 7000 денари секој месец, номинално во вкупниот износ е повеќе за 36 проценти. Просечната пензија за година и пол е покачена за скоро 40 проценти, а минималната пензија е покачена за 68 проценти, од 13 илјади и 200 денари на 20 илјади 888 денари – објасни тој и додаде дека од септември повторно ќе се применува швајцарскиот модел на усогласување на пензиите.
Во однос на износот на трансферите Мемов рече дека за 2026 година тие се планирани на 62,8 милијарди денари, што е приближно една милијарда евра. Како што објасни, од нив околу 30 милијарди денари всушност се користат за исплата на покачените пензии во износ од седум илјади денари, околу 13,7 милијарди денари за здравствено осигурување и 19,6 милијарди денари за транзициски трошоци кон пензиските друштва од вториот столб.








