Пратеникот од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Малиша Станковиќ, во вечерашната „Топ Тема“ нагласи дека Владата навремено реагирала на енергетската криза и дека мерките кои се преземени ја амортизирале ценовната шок-терапија предизвикана од глобалните случувања.
„Не би рекол дека владата згреши во проценката. Дизелот на светските берзи се зголеми за над 10 проценти, да не беше оваа интервенција со намалување на акцизата, цената ќе беше многу повисока“, изјави Станковиќ.
Тој нагласи дека станува збор за глобална криза која не зависи од државата, додавајќи дека и покрај тоа, Македонија има едни од најниските цени на горивата во регионот.
„Имаме состојба која не зависи од Република Македонија. Во Македонија се вози најевтин дизел и бензин во регионот, а можеби и во Европа“, потенцираше Станковиќ.
Станковиќ додаде дека Владата ќе продолжи да реагира соодветно на состојбите на светските пазари и дека целта е да се одржи стабилност на цените и заштита на животниот стандард на граѓаните.








