Со години сурово ја малтретирал и психички и физички со што ја довел Ивана до самоубиство.Обвинителството поднесе обвинение против Стојанче Јовановски за повеќе кривични дела, меѓу кои семејно насилство со нанесување телесни повреди, загрозување на сигурноста, како и наведување и помагање во самоубиство.
Според обвинението насилството траело со години а на денот на трагедијата на 2 март на неколку локации во Скопје, обвинетиот ја нападнал сопругата, удирајќи ја со шлаканици и тупаници, при што таа во еден момент изгубила свест. Подоцна, на паркинг зад Основниот кривичен суд, ѝ упатил сериозни закани по живот, со што дополнително ја зголемил нејзината вознемиреност и страв.
„Согласно обезбедените докази, обвинетиот подолг временски период сурово и нечовечно постапувал кон оштетената, која кон него се наоѓала во положба на фактичка и егзистенцијална зависност и подреденост, па поради таквото постапување таа на 2 март извршила самоубиство кое може да се припише на небрежност на обвинетиот. Обвинетиот издејствувал сега починатата Ивана Јовановска во ноември 2022 година да му го отстапи со Договор за дар својот идеален дел од станот во кој живееле заедно со нивната малолетна ќерка, со тоа што оштетената и детето требало да останат да живеат во станот. Но, по стекнувањето на сопственоста, обвинетиот започнал психички и физички да ја малтретира, а во 2025 година интензитетот на малтретирањата преоѓа во сурово и нечовечко постапување кон сопругата.”-ОЈО.
Стојанче сè почесто ја тепал и ја омаловажувал Ивана во нивниот дом, во присуство на нивната малолетна ќерка, на јавни места, и пред други сведоци, заканувајќи ѝ се дека ќе ја избрка од домот каде што живееле, и дека ќе ѝ ја одземе нивната малолетна ќерка.
„Кога на критичниот ден таа повторно била изложена на неговото психичко и физичко малтретирање на повеќе локации, како и на неговите закани и навреди, се вратила во станот заедно со детето. Побарала да се качи сама со ќерката во станот за да се спакува и да замине, но обвинетиот инсистирал да се качи со неа и продолжил да ѝ се заканува. Сведок на настанот го оттурнал обвинетиот и заедно се симнале пред зградата за да ја почекаат оштетената да се спакува.Но, малтретирањето ја довело оштетената во состојба на тешка психичка вознемиреност, страв, безнадежност и чувство на безизлезност, и таа без разумно да управува и да ги контролира своите постапки, извршила самоубиство, скокајќи од терасата на станот од шестиот кат заедно со нивното малолетно дете.”- ОЈО/
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за осомничениот, поради опасност од бегство и можноста да продолжи да врши насилнички кривични дела.








