Проширувањето е прашање на заеднички европски интерес – ЕУ мора да биде подготвена кога ќе дојде време. Ваква порака испрати денеска шефицата на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен,на годишната конференција на дипломати на ЕУ во Брисел.
Фон дер Лајен, изјави дека Европската Унија треба да има појасен и постар пристап во надворешната политика и да размисли дали сегашниот начин на донесување одлуки е во чекор со брзите глобални промени. Го отвори прашањето – дали системот на ЕУ, кој се темели на консензус и компромис меѓу земјите членки, е повеќе помош или пречка?
– Имаше многу дебати за тоа како ќе го испорачаме на навремен начин нејзиниот процес заснован на заслуги. Но од огромно значење е да се подготвиме со приближување на Западен Балкан, Молдавија, Украина поблиску до нашата Унија сега. Проширувањето не е за идеологија. Тоа е прашање на заеднички европски интерес и безбедност. И ние мора да бидеме подготвени да испорачаме кога ќе дојде време, изјави фон дер Лајен.
ЕУ мора да го забрза процесот на нови членки и да ја прошири Унијата, изјави шефицата на европската дипломатија Каја Калас. Порача дека проширувањето е противотров на рускиот империјализам и знак дека најабициозниот мултилатерален проект во историјата – ЕУ е тука, за да остане.
– Таа мора да остане заснована на заслуги. Но, во сегашниот контекст, треба да го засилиме темпото. Проширувањето е геополитички избор. И се чини дека нашите граѓани го разбираат ова. Од податоците на Евробарометар гледаме дека повеќе го поддржуваат проширувањето што загрижува за неконтролираната миграција , на пример. Но, наше е да продолжиме да ја раскажуваме приказната за проширувањето. Проширувањето е противотров на рускиот имеријализам и знак дека на најамбициозниот мултилатерален проект во историјата – Европската унија е тука да остане, изјави Калас.
Идејата за брзо зачленување на Украина и Западен Балкан без право на глас, минатата недела беше одбиена од 4 земји членки на ЕУ. Бриселски „Политико“ тогаш објави дека на масата пред амбасадорите во Брисел, биле ставени 4 опции за забрзано проширување.
Изминатата недела, албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ, со заеднички текст во германскиот весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтун“, порачаа дека се согласуваат и со влез во Единствениот европски пазар и Шенген. Премиерот Мицкоски, пак, засега не открива – која од опциите кои циркулираат низ регионот и ЕУ е најприфатлива за Македонија.








