домаМакедонијаФотелјите на 30 пратеници висат во воздух

Фотелјите на 30 пратеници висат во воздух

- Advertisement -spot_img

Дебатата за парламент со 90 наместо 120 пратеници повторно се враќа во политичкиот фокус. Поддржувачите зборуваат за рационализација на системот, а критичарите стравуваат од намалена политичка застапеност.

Идејата за намалување на бројот на пратениците во македонското Собрание повторно се враќа во политичката дебата. Во рамките на работната група што треба да разговара за измените на изборниот модел, се отвора и прашањето дали законодавниот дом наместо сегашните 120, во иднина би можел да има 90 пратеници.

Оваа можност се појави како потенцијална точка на меѓупартиски договор, откако во јавноста излегоа информации дека таквото барање ќе биде ставено на маса истовремено со дискусијата за воведување една изборна единица.

Работната група, која минатиот петок требаше да почне со работа во Министерството за правда, не одржа суштинска расправа поради забелешки дека работните материјали не биле обезбедени и на албански јазик. Но и покрај тоа, од изјавите што следуваа потоа можеше да се насети дека темата за намалување на бројот на пратениците повторно сериозно се разгледува.

Пратеничката на Движењето ЗНАМ, Весна Бендевска, изјави дека нивната партија го реафирмира старото барање за намалување на бројот на пратениците на 90, оценувајќи дека таквата промена би имала значителни ефекти во општеството.

– Став на ЗНАМ е да се намали бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата. Тоа ќе придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки. Ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело – изјави Бендевска.

Прашањето за бројот на пратеници не е ново на македонската политичка сцена. Во различни периоди, позитивни размислувања за ваква промена изразувале и партии од власта и од опозицијата што отвора простор за потенцијален поширок политички договор.

Премиерот Христијан Мицкоски и кога беше лидер на опозицијата во повеќе наврати говореше за потребата од намалување на администрацијата и оптимизирање на институционалниот систем.

– Овој гломазен систем од 120 пратеници е преголем, тоа делува премногу фрустрирачки за граѓаните, преголеми се трошоците, преголема е и акумулираната моќ. Со намалување на бројот на пратеници на 90 ќе се намали и бројот на привилегирани пратеници – изјави Мицкоски.

Намалувањето на бројот на пратеници беше дел и од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ на последните парламентарни избори. Во април 2024 година, тогашниот потпретседател на партијата, а денес министер за одбрана Владо Мисајловски, посочи дека прашањето треба сериозно да се отвори во рамките на пошироки институционални реформи.

Слични ставови во јануари годинава изнесе и координаторот на пратеничката група на опозицискиот СДСМ, Оливер Спасовски, а поддршка за ваквата идеја доаѓаше и од ЛДП.

Сепак, останува дилемата дали намалувањето на бројот на пратеничките места ќе им одговара на сите парламентарни партии, особено на помалите политички субјекти кои во вакви услови би можеле да имаат тешкотии во обезбедувањето застапеност.

Пратеникот Бејџан Иљас од Демократската партија на Турците во Македонија (ДПТМ) смета дека иницијативата за намалување на бројот на пратеници повторно се отвора со образложение дека ќе се намалат трошоците на државата, но според него таквата аргументација е погрешна и не ја отсликува суштината на парламентарното претставување.

– Главното алиби за повторно да се отвори темата за кратење на бројот на пратеници во македонскиот парламент е некакво кратење на финансиските трошоци. Според мене, таквата логика не држи вода. Колкав трошок можат да претставуваат 30 пратеници ако крајниот резултат е градење подобро општество и подобро претставување на граѓаните?! Во оваа држава сме имале потрошено многу повеќе пари за непотребни и бесмислени работи. Логиката на пратеникот е дека тој го претставува делот на граѓаните од каде што потекнува, а во овој случај, таквото едно претставување практично го кратиме. Во време кога ние, немнозинските заедници, речиси 30 години разговараме за едно пофер претставување, сите партии на мнозинските народи немаат слух за такви промени. Ако ни се потребни примери, тогаш ќе ги најдеме во повеќе држави од регионот, почнувајќи од Хрватска, Словенија, Косово… Но, во нашата земја тоа никако не успева – објаснува Иљас.

Тој најавува дека ДПТМ е подготвена да бара загарантирани пратенички места доколку биде спроведено кратењето на бројот на пратеници во Собранието.

– Како ние, како немнозински народ во Македонија, да се претставиме во парламентот? Нема логика. Затоа, подготвени сме да бараме загарантирани пратенички места. Ние ќе се противиме и нема да ја прифатам мислата дека ние не сме доволно голема земја за да имаме 120 пратеници. Не, тоа не е точно. Ние сме доволно голема земја за да имаме 120 пратеници. Никако нема да ја поддржиме оваа иницијатива без да ни бидат доделени загарантирани пратенички места. Па видете како функционира Собранието во Косово – таму Србите имаат 10 загарантирани места, исто колку и другите народи, а 100 пратенички столчиња има за пратениците на Косово. Слично е и во Хрватска. Не треба да измислуваме топла вода – истакна Иљас.

Лидерот на Движењето Попули, Скендер Реџепи-Зејд, во изјава за „Слободен печат“ вели дека не гледа проблем во намалувањето на бројот на пратеници, но како што посочува, пред да се стори тоа потребно е да се направат други поважни работи.

– Начелно, мислам дека нема да е никаков проблем намалувањето на бројот на пратениците, но пред тоа ќе треба да се извршат и низа промени во Изборниот законик, кои се многу позначајни за демократското функционирање на државата, како што се воведување една изборна единица, отворени изборни листи и изборен праг – ни изјави Реџепи-Зејд.

Пратеникот на Левица Амар Мециновиќ за „Слободен печат“ вели дека нивниот главен приоритет останува носењето нов Изборен законик што ќе го реформира политичкиот систем во земјата.

– Уште од лидерската средба и нашите мотиви за учество на таа лидерска средба, нашиот главен приоритет е измената на Изборниот законик со носење нов изборен законик за политички систем. Тоа го бара и реформската агенда од нас, а тоа го бараат и препораките на ОДИХР како и политичката реалност во земјава. Во тој дух, ние ја поддржуваме иницијативата за намалување на бројот на пратеници во македонското Собрание, и тоа е веќе наведено во нашата програма, иако идејата на Левица е да се намали бројот на пратеници од 120 на 100 – објаснува Мециновиќ.

Во поглед на мотивот за да се изведе ваквата промена, пратеникот се сомнева дека намалувањето на бројот на пратеници ќе влијае директно на подобрување на ефикасноста на институцијата.

– Мотивот е тој. Ем финансиско оптоварување, ем зголемување на ефикасноста на Собранието како институција. Но, за жал, со овие сегашни политички партии на власт, тешко дека би се зголемила ефикасноста на парламентот – истакна Мециновиќ.

Најпростите пресметки покажуваат дека само месечната заштеда во Собранието по основа на помалку 30 пратенички плати кои, во просек заедно со патните трошоци изнесуваат околу 2.200 евра, би се заштедиле околу 66.000 евра.

Односно, годишно би се заштедиле околу 792.000 евра, а за четиригодишниот мандат околу 3,1 милиони евра.

Аргументите за намалување на бројот на пратениците често се поврзуваат и со демографските трендови. На пописот од 2002 година во земјата биле регистрирани околу два милиона жители, додека според пописот спроведен пред пет години бројот се намалил на околу 1,8 милиони, со тенденција на натамошно опаѓање.

Во дебатата често се прават и споредби со други држави со слична големина на Македонија. Така, Словенија, која има околу 2,1 милион жители, во својот парламент избира 90 пратеници, а Црна Гора, која има околу 620.000 жители, за парламентот избира 81 пратеник.

Парламентот во Србија (околу 7 милиони жители) брои 250 пратеници, Бугарија (околу 6,5 милиони жители) има 240 пратеници, Албанија (околу 2,5 милиони жители) – 140 пратеници, Грција (околу 10,5 милиони жители) – 300 пратеници, Косово (околу 1,6 милиони жители) – 120 пратеници…

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img