Во новото, по третпат дополнето обвинение за случајот со исчезнувањето на двегодишната Данка Илиќ од Бор, Обвинителството бара казна доживотна робија за Срѓан Јанковиќ и за Дејан Драгијевиќ, кои се обвинети за убиство на девојчето.
Тие се товарат за тешко дело убиство во соизвршителство, а има обвинение и за таткото на Драгијевиќ, кој се товари за непријавување на кривично дело и за помош на сторителот по извршување на кривичното дело.
Во Вишиот суд во Неготин стигнале одговорите од бранителите на тројцата обвинети, па сега судот има рок од 15 работни дена да се изјасни дали ќе го прифати ова обвинение кое е дополнето со наодите од реконструкција на настанот што се изврши минатото лето.
На 26 овој месец се навршуваат две години откако од семејниот имот во Бањско Поле, пред очите на мајката, исчезна малата Данка Илиќ. Истрагата откри дека двајцата обвинети се нејзините убијци. Тие прво ја удриле со автомобил, а кога виделе дека е уште жива, ја задавиле и ја фрлиле на депонија, за подоцна телото да го пренесат на друга локација. Телото на девојчето не е пронајдено.








