Владејачката партија обвинува за можна политичка поврзаност со случајот на заплена на десетици тони марихуана. Прстот го вперуваат во лидерот на опозицијата Венко Филипче. Од ВМРО-ДПМНЕ се на став дека одредени фотографии и јавни настапи, отвораат сомнежи за релации помеѓу претседателот на СДСМ и лица поврзани со компанија од индустријата за одгледување канабис.
Партијата повикува на целосна институционална истрага и надлежните органи да ги испитаат сите наводи поврзани со случајот.
„Фотографијата на која јасно се гледа Венко Филипче во друштво на газдата на фабриката со илегалната марихуана, Тони Котев, упатува на директна вмешаност на Филипче во шверцот со илегалната дрога. И наместо СДС и Филипче да прават замена на тези, и да бегаат од одговорност, треба да ѝ одговорат на јавноста зошто се толку вознемирени и хистерични за заплената на овие 30 тони дрога“, вели Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Институционалниот молк зборува гласно и отвора сомеж дека трагата води до врвот на власта, велат од Социјалдемократскиот сојуз. Опозицијата ја обвинува власта за нарко-скандалот, истакнувајќи дека две недели по заплената нема одговори како дрогата ја поминала границата и како било можно нелегално производство и складирање, во таков обем.
Лидерот на партијата во одговор за Телма, остро одговори на обвинувањата од страна на власта.
„Дефокус од главното прашање – како власта шверцерски пренесе пет тони дрога во Србија. Ова е слика од кампања и за разлика од Мицкоски, јас немам цел албум слики со Симо кој пука од калашников и го цитира Шешељ“, одговара Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Две недели по заплената, јавноста сѐ уште нема јасен одговор дали и како пет тони марихуана од земјава, завршиле во Србија. Иако беа најавени проверки на компании за одгледување медицински канабис и дополнително беа запленети уште четириесет тони, конкретни информации за текот и резултатите од истрагата нема.
Министерот за внатрешни работи, Тошковски, досега не одржа прес-конференција, ниту брифинг за разјаснување на отворените прашања за случајот. Единствено имаше видео обраќање од тајната локација, каде што медицинската марихуана се чува спакувана во кутии.








