Во Скопје врие од бездомни кучиња. Ги има многу и на кејот на Вардар. Шетаат во глутници, а дел од нив се агресивни и ги напаѓаат минувачите, рекреативците и велосипедистите. Само во текот на минатата недела неколку скопјани пријавиле каснувања.
Една од жртвите на кучињата скитници била и маратонката Сања Николовска-Најдовски која била нападната од десетина кучиња додека тренирала на кејот. Ја искасале повеќепати на двете нозе во близина на хотелот „Александар палас”.
Викендов додека трчал на Кејот бил нападнат и 44-годишен скопјанец од големо агресивно куче кое го каснало кај подколеницата.
Од ЈП „Лајка” велат дека проблемот не можат да го решат сами бидејќи кучиња со комбиња се носат од други градови.






