Градоначалникот на Ниш, Драгослав Павловиќ, на 1 февруари лично спречил обид за грабеж во аптека на улицата Уроша Предиќа, објави порталот NISTV, споделувајќи видео од инцидентот кое брзо се прошири на социјалните мрежи.
Според наводите, вооружен напаѓач влегол во аптеката носејќи пиштол и мачета, барајќи пари и заканувајќи се на вработената. Очевидци раскажуваат дека напаѓачот агресивно викал „дај пари“ и „ќе те пукам“, по што ситуацијата ескалирала.
Во моментот кога опасноста станала сериозна, градоначалникот реагирал инстинктивно. Тој му го грабнал пиштолот од раката на напаѓачот и го фрлил подалеку, спречувајќи понатамошна закана. Инцидентот завршил без повредени.
Веста ја пренесоа и Еуроњуз Србија, Блиц, Курир, како и други српски медиуми.
Откако останал без пиштол, напаѓачот се обидел да ја употреби мачета-та, при што истуркал каса, компјутер и дел од инвентарот во аптеката. Според сведочењата, Павловиќ успеал да го оттурне и да го исфрли од просторот.
Полицијата била известена веднаш, а Полициската управа во Ниш потврди дека лицето Љ. М. било уапсено за обид за грабеж во краток рок. Во тек е постапка за утврдување на сите околности поврзани со случајот.
Подоцна, порталот Новости ја пренесе и изјавата на самиот градоначалник, кој детално го опиша настанот.
– Се вратив дома, се пресоблеков и излегов до продавница малку пред 21 часот. Низ стаклото на аптеката ги видов срушените полици и толпата луѓе и веднаш втрчав внатре. Таму затекнав човек кој држеше пиштол пред лицето на продавачката и ѝ се закануваше дека мора да ги даде парите – изјави Павловиќ.
Тој раскажа дека останал во објектот и по исфрлањето на напаѓачот, поради страв од можен нов напад. Според неговите зборови, мачетата била подолга од 20 сантиметри, а продавачката била негова сосетка која лично ја познавал.
– Без размислување скокнав врз него, го соборив и почнав борба за да му го извадам пиштолот. Кога го земав, сфатив дека станува збор за метална реплика. Кога повторно се исправи, се обиде да извади нешто под јакната, па му го одзедов и сфатив дека е нож, налик на мачета, подолг од 20 сантиметри. Му го дадов на работникот, а напаѓачот побегна. Не сакав да го бркам за да не се врати и да ја нападне продавачката. Останав таму со неа додека не дојде полицијата, која брзо реагираше и го уапси. Веднаш го препознав кога ја видов фотографијата – раскажа градоначалникот.
https://www.instagram.com/reel/DUO3WSkDr-D/?utm_source=ig_web_copy_link&igsh=NTc4MTIwNjQ2YQ==









