10.8 C
Skopje
30 January, 2026

Мапа

независен информативен портал
spot_imgspot_imgspot_img
HomeМакедонијаПССЕ изгласа Резолуција за затворање на постмониторинг дијалогот со Македонија

ПССЕ изгласа Резолуција за затворање на постмониторинг дијалогот со Македонија

- Advertisement -spot_img

Во текот на јануарската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, на која учествуваат пратениците Иванка Василевска, заменик шеф и членовите Беким Ќоку и Бисера Костадиновска Стојчевска, беше изгласана Резолуција за затворање на постмониторинг дијалогот со Република Македонија. Текстот на Резолуцијата во име на Мониторинг комисијата беше изготвен од известителите Сибел Арслан од Швајцарија од политичката група на Социјалистите и Џозеф О’Рајли од Ирска од Европските народни партии.

Како што информираат од собраниската прес-служба, во текстот се наведува дека Парламентарното собрание го признава одржливиот напредок на Македонија во демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права и соработката со телата на Советот на Европа и ја признава политичката посветеност на властите за исполнување на обврските преземени при отворањето на постмониторинг дијалогот во 2000 година. Врз основа на ова, Собранието одлучи да го затвори постмониторинг дијалогот со Македонија и да продолжи да ги следи случувањата преку својот механизам за редовен периодичен преглед.

Мониторинг комисијата или долгото име Комисија за почитување на обврските и заложбите од страна на земјите членки на Советот на Европа, има важна улога да го следи исполнувањето на обврските преземени од страна на земјите членки според условите на Статутот на Советот на Европа, Европската конвенција за човекови права и сите други конвенции склучени во рамките на Организацијата на кои земјите членки се обврзале.

Значењето на мониторинг процесот, како што се наведува во соопштението, е нагласен и во односите меѓу Советот на Европа и Европската Унија, односно постои координиран пристап во мониторинг механизмите како во Советот на Европа, односно Парламентарното собрание и неговите комисии, Комитетот на министри, Конгресот на локалните и регионални власти, Венецијанската комисија, така и со ЕУ и другите меѓународни организации. Постои блиска соработка, консултација и координација на активностите во рамките на проширувањето на ЕУ и заради тоа исполнувањето на обврските и заложбите кон Советот на Европа се сметаат за битен елемент за унапредување, забрзување и остварување на аспирациите за натамошно евроинтегрирање на одредена држава. Во дебатата за оваа точка учествуваа сите членови на Делегацијата на Собранието. Иванка Василевска ја истакнала посветеноста на државата кон европските вредности, демократските реформи и конструктивната соработка во рамки на Советот на Европа, а затворањето на постмониторинг дијалогот го оцени како признание за долгорочните напори. Таа се осврнала на постигнатиот напредок во демократските процеси преку фер избори, мирна смена на власта, изборот на првата жена претседател и конкретните резултати во борбата против корупцијата, потврдени од ГРЕКО. На крајот, нагласила дека изгласувањето на резолуцијата е потврда на напредокот, мултиетничкиот и инклузивен карактер на државата и нејзината континуирана посветеност на реформите.

Беким Ќоку го поздравил завршувањето на постмониторинг дијалогот за Македонија како значаен успех не само за државата, туку и за целиот Западен Балкан. Тој нагласил дека реформите и доследната посветеност кон стандардите на Советот на Европа носат конкретни резултати и ја зајакнуваат демократијата и стабилноста во регионот. Ќоку нагласил дека Македонија е доверлив европски партнер, целосно усогласен со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и посветена на европската интеграција. Своето обраќање го завршил со поздравување на резолуцијата како признание за постигнатиот напредок и поттик за продолжување на реформите во сите земји од Западен Балкан.

Бисера Костадиновска Стојчевска истакнала дека оваа резолуција со која се затвора процес по 25 години е резолуција за секој политичар кој некогаш бил или е на власт, дека ја отсликува состојбата, но и желбата на граѓаните да бидат дел од Европската Унија. Таа кажала дека се надева дека со усвојувањето на оваа резолуција, сите политичари во државата, особено власта, добиваат јасен знак дека местото на Македонија е во Европската Унија и тоа треба да се случи час поскоро.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img