Европската комисија е свесна за загриженоста што ја искажуваат транспортните оператори од Западниот Балкан, внимателно ја следи ситуацијата со блокадите на граничните премини и е во контакт со партнерите од регионот, изјави денеска портпаролот на ЕК за внатрешни работи Маркус Ламерт.
Изјавата на Ламерт доаѓа како одговор на новинарско прашање за ставот на ЕК во врска со блокадите на граничните премини кон шенген-зоната од страна на балканските превозници и нивните обвинувања дека системот ЕЕС ги дискриминира во однос на нивните колеги од ЕУ. Ламерт беше прашан и дали Унијата планира на професионалните возачи да им додели посебен статус и да не ги третира како туристи при влез во блокот.
„Свесни сме дека голем број професионалци од трети земји може да имаат потреба да останат во шенген-зоната повеќе од 90 дена во рок од 180 дена. Ова ги вклучува професиите со висока мобилност, како што се возачите на камиони, но исто така и спортистите и уметниците. Тоа е исто така поврзано и со националните правила и постојните билатерални договори. Ова е прашање на кое сме целосно посветени и на кое работиме и размислуваме во контекст на подготовките на претстојната визна стратегија, што ќе ја објавиме оваа недела“, изјави Ламерт.









