Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Давос, каде што учествува на Светскиот економски форум, ја истакна важноста на билатералните средби и панелите за привлекување инвестиции и развој на енергетскиот сектор во Македонија.
„Уште еден успешен ден со многу билатерални средби“, рече Мицкоски во своето обраќање. Денот започна со средба со Борјана Кришто, претседавач на Советот на министри на Босна и Херцеговина, а потоа продолжи со разговори со мултинационални компании кои се водечки во светот на стопанисување и управување со датацентри.
Премиерот истакна дека главните теми на денешниот форум се вештачката интелигенција, центри за податоци и предизвиците поврзани со производство и пренос на електрична енергија.
„Разговаравме со луѓе кои значат многу во светот на вештачката интелигенција и управувањето со датацентри, како и за тоа колку треба да се зголеми производството на електрична енергија во следните години“, рече Мицкоски.
Тој ги презентираше и клучните проекти за Македонија, меѓу кои се Бошков мост и Чебрен и Галиште, и истакна дека проектите привлекоа внимание кај инвеститорите кои по панелот пристапиле за да разменат контакти и за понатамошна соработка.
„Ги поканив да дојдат во Македонија, да ги презентираме потенцијалите со кои што располагаме и инвестициските можности. Убедени сме дека овие проекти ќе бидат успешни, ќе додадат вредност во економијата и ќе го подобрат квалитетот на животот на македонските граѓани“, додаде премиерот.
Денеска премиерот ќе учествува и на уште еден панел за презентирање на инвестициите во Македонија пред нова група на инвеститори.
„Убедени сме дека и овој панел ќе биде успешен“, посочи Мицкоски, додавајќи дека ќе продолжи да ги следи активностите и понатаму од Давос.








