Според податоците презентирани во Прегледот на Е-трговијата во Западен Балкан, 2025 година, изработен од страна на Асоцијацијата за е-трговија, 63.2% од интернет корисниците во земјата купувале онлајн во 2024 година, што ја позиционира Македонија меѓу водечките пазари во регионот по учество на онлајн купувачи, но се уште е под европскиот просек. Ова е силен сигнал за растечка побарувачката, но, извештајот покажува дека растот на е-трговијата не е доволен сам по себе.
Клучното прашање е дали економијата е подготвена за следната фаза, а тоа е е-трговија поддржана од вештачка интелигенција (ВИ)? Вештачката интелигенција сè побрзо го менува начинот на кој функционираат бизнисите и пазарите на труд, а е-трговијата е меѓу секторите каде овие промени се највидливи. Од персонализирани понуди и паметен дигитален маркетинг, до оптимизација на логистика, управување со залихи и откривање измами овозможено од алатки на вештачката интелигенција која станува клучен двигател на конкурентноста во онлајн трговијата.
Во таа насока во Прегледот на Е-трговијата во Западен Балкан, 2025 година анализиран е AI Preparedness Index (AIPI) – индекс кој го воведе Меѓународниот монетарен фонд во 2023 година и кој ја мери подготвеноста на земјите да ја применуваат вештачката интелигенција на одржлив и инклузивен начин. AIPI ги оценува земјите преку четири клучни столба:
Со резултат од 0,48, Северна Македонија значително заостанува не само зад просекот на ЕУ, но и зад балканските пазари, односно подобар AIPI има само од Босна и Херцеговина. Европските лидери како Данска, Холандија и Естонија покажуваат подготвеност со индекс над 0.76. Ова укажува дека бизнис-екосистемот сè уште нема доволно капацитет целосно да ја искористи вештачката интелигенција во е-трговијата за персонализација, автоматизација, анализа на податоци, логистика и управување со ризици.
Главните ограничувања се поврзани со дигиталната инфраструктура, иновативниот капацитет и интеграцијата во глобалната дигитална економија, иако постојат позитивни сигнали во делот на човечкиот капитал и адаптацијата на пазарот на труд.
„Е-трговијата во Северна Македонија бележи силен раст, но следната фаза мора да биде фокусирана на квалитет, доверба и одржлив развој, не само на квантитет. Вештачката интелигенција не е технологија на иднината, таа е реалност денес што го менува начинот на кој функционира дигиталната економија. Нашата задача е да им помогнеме на е-трговците, институциите и потрошувачите да бидат подготвени за оваа трансформација, преку приближување на клучните трендови и континуирана едукација, иницијативи и кампањи“, изјави претседателката на Асоцијацијата за е-трговија во Северна Македонија, Нина Ангеловска Станков.
Прегледот на Е-трговијата во Западен Балкан, 2025 година јасно укажува дека идниот раст на е-трговијата во земјата зависи од подготвеноста на македонските е-трговци да ја искористат таа трансформација за одржлив раст, поголема конкурентност и подобра заштита на потрошувачите.
Инаку, Прегледот на Е-трговијата во Западен Балкан, 2025 година е изработен од Асоцијацијата за е-трговија (АЕТМ) и беше традиционално презентиран на 8-та регионална конференција за е-трговија. Како седмо издание од серијата, оваа публикација по втор пат е објавена на англиски јазик и со проширен фокус кој го опфаќа целиот регион на Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.
Повеќе информации за „Прегледот на е-трговијата во Западен Балкан 2025“, како и можност за преземање и читање на извештајот, се достапни на следниот линк: https://ecommerce.mk/analizi-i-izveshtai/








