Јас сум многу среќна што грипот не достигна такви размери и што учениците може денеска да го почнат второто полугодие од учебната година, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Во гостување на Македонската радио-телевизија претпладнево таа рече дека кај нас е „неопходно малку повеќе да се воведе ред“ затоа што нашите ученици и онака поминуваат помалку часови на настава.
– Нашите ученици до 15 години имаат 900 часа помалку од своите врсници во Европската Унија, чии стандарди ние сакаме да ги достигнеме и во кој клуб сакаме да се приклучиме. Но, ние, повозрасните, и родителите треба да знаат дека е неопходно да се почитува редот во образованието, додаде Јаневска.
Пораката на министерката следува откога деновиве во јавноста беше актуелно прашањето дали ќе се продолжи зимскиот распуст поради пораст на бројот на заболени од грип.
Учениците денеска го почнаа второто полугодие од учебната 2025/2026 година, по тринеделниот зимски распуст.






