Претреси се спроведуваат кај судијата Ѓоко Ристов, кој суди во Апелациониот суд во Скопје, дознава „Скопје1“. Информацијата за “Скопје1” ја потврдија и од Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Според неофицијалните сознанија, предметот се однесува на сомневања за злоупотреба на судиската функција, но конкретното кривично дело засега не се соопштува, бидејќи претресите сѐ уште се во тек. Полициски екипи, по наредба на јавен обвинител и со дозвола на Основен кривичен суд Скопје, влегле на локациите уште попладнево. Неофицијално, станува збор за домот на судијата.
Името на судијата Ѓоко Ристов претходно беше поврзувано со Фехми Стафа, поранешен народен правобранител, кој моментално се наоѓа во притвор поради сомневање дека примил 50.000 евра мито. Неофицијално, претресите кај Ристов се вршат по наводи кои произлегуваат од предметот во кој се гони Стафа.
Како што претходно информираше Обвинителството, во периодот од октомври до 13 декември, осомничениот Стафа примил вкупно 50.000 евра со цел да посредува и да влијае врз судија од Апелациониот суд Скопје, во врска со предмет што се водел против негов клиент, лице кое тој го застапувал како адвокат. Непосредно по примањето на парите, Стафа бил лишен од слобода, а кај него биле пронајдени и одземени паричните средства.
Лицето за кое, според обвинителските наводи, Стафа требало да издејствува укинување на мерката притвор е осомничениот во случајот „Синџир“, Љупчо Пецов, познат по прекарот Ѓаволот.
Од Обвинителството најавуваат дека по завршување на претресите ќе следуваат официјални информации за натамошниот тек на постапката.








