5.8 C
Skopje
30 January, 2026

Мапа

независен информативен портал
spot_imgspot_imgspot_img
HomeКолумниШто постигнавме како држава ние во Македонијава, па да си честитаме?

Што постигнавме како држава ние во Македонијава, па да си честитаме?

- Advertisement -spot_img

Пишува: Ана ПАНОВСКА

На почеток сме на уште една нова година и, како што е обичај, си честитаме, си ги кажуваме желбите за среќен живот, добро здравје и успех. Грст убавини што очекуваме да ни се случат во текот на годината што е распослана пред нас. Добро, таков е редот и редоследот. Но, во тој редослед единствено што ме буни и ми стрчи е „честитањето“. Што е тоа што си го честитаме за Нова година кога сѐ уште не сме направиле некој подвиг, значаен успех, некое крупно достигнување што би заслужувало честитки, освен обилното јадење и пиење, празничното вообичаено постилање на трпезата и кај најбогатите и кај оние најсиромашните.

Што постигнавме како држава ние во Македонијава, па да си честитаме? Единствено што ми паѓа на ум е дека можеби си честитаме што сме живи, донекаде здрави и повеќето на нога. Инаку чмаеме во оваа неизвесност која со години нѐ држи заковани во место благодарејќи на силниот вербален „патриотизам“ кој, за жал, не знае да прави леб. За да има вистински патриотизам треба да се има реална патриотска влада.

ТЕШКА ПРОПАГАНДА

Оваа влада, не е таква. Кога ќе се најде во тесно, се занимава само со тешка пропаганда и со напади и навреди, не само за ланскиот снег туку и за прекланскиот и сите тие пред него. Влада, која не знае да одговори на прашањата на јавноста зошто не е способна конечно да ги напише (да ги препише) реформските закони, се влечка, одолговлекува и на најдрзок начин ги замолчува и добронамерните и издржани предлози на опозицијата, уште во стартот се легитимира како промашена инвестиција на македонското гласачко тело.

Вакво смотано, збркано владеење, што од ден на ден се одвива пред очите на граѓаните, не влева никаков оптимизам за иднината. На рака на оваа влада сѐ уште ѝ оди еден добар дел од населението кој ја пика главата во песок, но до кога? Состојбите во светот вртоглаво се превртуваат, од сите страни дуваат страшни ветришта кои ќе го разнесат песокот во кој е нурнат Македонецот, кому на крај ќе му останат само зрнцата во очите и пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ која ќе го убедува да издржи уште малку додека да се распадне Европската Унија и…па, и додека не нѐ анектира некоја од соседните држави.

Ако итно не се отрезнат ВМРО-ДПМНЕ и претседателката на државава, ако не се спуштат на земја, ако не си прават бајрам со умот, ако се соочат со фактот дека се мали, ситни политичарчиња од една мала, малобројна, сиромашна, неразвиена земја која едвај крпи крај со крај, годинава што е пред нас за нив ќе биде најтешка. Работата ќе биде како во онаа стара поговорка − „Десет дава да се фати на орото, сто ќе дава (набргу) да се пушти“.

МАКЕДОНИЈА САМА НЕ МОЖЕ

Бидејќи Мицкоски и неговите не се совитливи и прилагодливи на светските движења, не ги разбираат меѓународните политички односи, стојат скаменето мислејќи дека тоа е некоја доблест, ќе мораат да научат и да се помират со ситуацијата која бара итно, без изговор и поговор, да ги отворат европските интеграции или да си заминат гордо со „крената глава“ и да остават некој друг да ја заврши таа „валкана“ работа со „Бугарите во устав“.

Така, многу брзо ќе можат пак да се вратат на власт неизвалкани, воспевани, издигани до небо, восхитувајќи му се на гордиот Мицкоски за неговиот железен, непоколеблив став дека додека тој е премиер нема да има уставни измени – нема влез во Европска Унија!

Ама Македонија, ако сака да опстане како држава, мора да се приклучи кон некој сојуз од држави. Сама не може. Тоа не го можат ни големите европски држави стиснати една до друга во една каква−таква Унија. Дали владата на Мицкоски заткулисно крои други сојузи ред е да се каже, да знае овој народ. Ако нема нешто друго опипливо на ум и истовремено се инаети и дозволува да пропадне планот со Европската Унија, ВМРО-ДПМНЕ дефинитивно ќе си замине во историјата. А Македонија ќе си остане. Има вистински патриоти кои ќе ја накренат.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img