И Општина Карпош денеска реагираше откако претходно беше споделена фотографија од скопјанка дека на локација во скопски Карпош се донесени кучиња скитници, а имаше реакција и од Здружението за заштита на животните Анима Мунди, кое алармираше и јавно побара итна, темелна и независна истрага поради сериозни индиции за организирано внесување и дислоцирање на кучиња во град Скопје.
„Општина Карпош Ве известува дека будно ја следи состојбата со зголемениот број на улични кучиња на наша територијата и од тие причини веднаш реагиравме до Град Скопје и ЈП Лајка со барање за заедничка соработка и решавање на овој проблем. Екипите од ЈП Лајка веќе се на терен на повеќе локации во општината при што се врши заловување и хуман третман на кучињата согласно процедурите и стандардите за благосостојба на животните“, се вели во објавата на Општина Карпош на социјалните мрежи.
Од таму посочија дека евидентно било дека бројот на бездомните кучиња во последните неколку денови е зголемен, па затоа, во соработка со Градот, рекоа дека ќе работат интензивно на изнаоѓање на решение за моменталната состојба, како и на трајно решавање на проблемот со уличните кучиња.









