Првото бебе во Куманово е машко. И мајката Егзона (31) и бебето се во добра здравствена состојба. Станува збор за второ дете во семејството Реџепи, родено со спонтано породување и со родилна тежина од 3.300 грама. Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски и менаџерскиот тим на болницата денеска ја посетија мајката и однесоа пригодни подароци.
Димитриевски, упати честитки до семејството и медицинскиот персонал, посочи дека раѓањето нов живот е најсилната порака за иднината.
Посакувам пред сè здравје и среќа на новороденчето, на мајката и на целото семејство. Очекувам 2026 година да биде бериќетна, плодна и исполнета со детски џагор, позитивна мисла и насмевки. Сакам да им се заблагодарам на дежурните лекари и на целиот медицинско-технички персонал за нивниот професионализам, како и на менаџерскиот тим на Општата болница Куманово, кој континуирано ги подобрува условите за работи, изјави Димитриевски.
Тој посака што помалку пациенти на другите болнички одделенија, и многу повеќе на Гинеколошко-акушерското одделение. Гинекологот Наиле Османи информираше дека ова е првото бебе родено во Куманово во 2026 година. На 31 имало две бебиња, а денеска ист така се очекуваат уште две.
-Се намалува бројот на новороденчиња, но тоа не е проблем само на Куманово. Тоа е тренд во цела Македонија, па и во регионот и на Балканот. Минатата година во Куманово беа родени вкупно 376 бебиња, при што во 99 проценти од случаите и мајките и новороденчињата беа во добра здравствена состојба, изјави Османи.
Неонатологот д-р Александра Христова појасни дека кај новороденчето е забележан умерен респираторен дистрес и му е пружена соодветна здравствена нега.
-Новороденчето беше породено со умерена дишна потешкотија, но по воведување соодветна терапија состојбата е стабилизирана. Педијатрискиот тим продолжува со 24-часовен надзор и очекуваме во најкраток рок бебето да биде испратено дома во добра здравствена состојба, истакна Христова.
Таа нагласи дека вакви интервенции се стандардна пракса и дел од секојдневната неонатолошка грижа, со цел престојот во родилиштето да биде што пократок и побезбеден.
Директорот на Општата болница Куманово, Сашо Стошевски, најави конкретни чекори за подобрување на условите на Гинеколошко-акушерското одделение. Годинава се планира реновирање на одделението и формирање апартмани за родилки и новороденчиња, со цел пациентите да се чувствуваат поудобно. Капацитетот на болницата е солиден, а тимот е подготвен да одговори на зголемен број породувања. Во однос на недостигот од анестезиолози, тој информираше дека веќе се преземени мерки.
-Распишан е конкурс, еден млад лекар веќе е вработен, а дадени се и нови специјализации. Очекуваме во наредната година до година и пол состојбата со анестезиолозите значително да се стабилизира, изјави Стошевски.
2024-та имало 688 раѓања во кумановската болница, што е тред на опаѓање зашто во 2023 имало 730. Кумановската општа болница е единствено родилиште за североисточниот регион.







