Брутална пресметка меѓу две групи иселеници, Македонци и Албанци, ја вознемири јавноста во италијанскиот град Перуџа. Инцидентот започнал во бар во областа Сан Систо, а завршил со вистински хаос на улиците, неколкумина повредени и 11 уапсени лица.
Според првичните сознанија од истрагата, конфликтот не бил однапред планиран, туку ескалирал поради банална причина – фотографија направена со мобилен телефон. Вербалната расправија меѓу младите лица брзо прераснала во масовна тепачка, во која биле користени столици, маси, како и дрвени палки долги над 60 сантиметри. Во инцидентот биле вклучени и неколку романски државјани.
Ситуацијата дополнително се влошила кога двајца од учесниците, обидувајќи се да побегнат со автомобил, удриле 27-годишен македонски државјанин, кој се здобил со тешки фрактури на двете нозе. Повредениот е хоспитализиран во болница во Перуџа, а лекарите најавуваат период на лекување од најмалку 30 дена.
Полицијата сè уште трага по возачот и неговиот сопатник, меѓу кои има и еден малолетник.
По пријава на итниот број 112, на местото на настанот интервенирале голем број припадници на карабиниерите и италијанската полиција. Уапсените лица се на возраст од 19 до 31 година, а дел од нив, според информациите, веќе биле познати на органите на редот.
При извршените претреси, кај еден од приведените била пронајдена дрога, додека друг се обидел да ги сокрие клучевите од автомобилот во саксија, со цел да ја избегне заплената на возилото. Сите уапсени се префрлени во затворот „Капане“ и ќе одговараат за кривично дело тешко насилство.







