2.8 C
Skopje
26 December, 2025

Мапа

независен информативен портал
spot_img
HomeМакедонијаКако се развиваше шемата со лажни дојави на бомби: Хибридни закани или...

Како се развиваше шемата со лажни дојави на бомби: Хибридни закани или внатрешни игри

- Advertisement -spot_img

На 26 октомври, 2022 година пет скопски средни училишта беа испразнети откако наставата ја прекина анонимна дојава за бомба испратена на службените маилови на училиштата. Тоа се првите лажни дојав кои ги потресоа учениците и наставниците испратени на маилови со вознемирувачка содржина, која создаде целосна паника во јавноста.

Ова беше првиот ден кога „пукнаа“ бомбите, но толку силно што учениците секојдневно беа евакуирани и чекаа пред училиштата за тимовите на министерството за внатрешни работи да направат проверка, за на крај да се потврди дека дојавите се лажни. Но, со која цел?

Во тој период, за само неколку месеци имало 905 дојави за лажни бомби, од кои 876 биле во основните и средни училишта. И децата и родителите секојдневно беа на штрек и под стрес, а учениците поголемиот период од учебната година го поминаа надвор, отколку во училишните клупи.

„Само што ќе стигнев на работа, цело време седам немирна дали ќе ми се јават и дали децата пак ќе ги уплашат и ќе седат надвор пред училиште додека проверат. Се тоа траеше неколку часа и реално мораше да си одиме дома. Мене на работа ми правеа проблеми, кој те ослободува и разбира, а во одредени училишта тоа стана секојдневие. Детето ми беше секој ден преплашено“, раскажува за „Фокус“ 46-годишната К.М., мајка на дете во основното училиште „Блаже Конески“.

Со денови, јавноста беше вознемирена од дојавите за бомби во училиштата, институциите, трговските центи, станбените згради. Во тој период премиер беше Димитар Ковачевски од редовите на СДСМ, а министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Тие и двајцата упорно тврдеа дека станува збор за хибридна војна, како и да се предизвика дестабилизација во државата.Учениците беа влези, излези од часовите, а министерството за образование со месеци бараше начин како да се надополни испуштената настава.

Најголем број од лажните дојави се случиле во февруари, 2023 година – дури 439, односно само пет дена од работната недела немало дојава за бомба. Во ноември, 2022 година имало 30 дојави, во декември 272, а на 1 март достигнат е рекордот – дури 120 училишта и други институции за еден ден добиле лажна дојава дека е поставена бомба. Веќе наредниот ден, на 2 март, имало 30 дојави, a потоа, согласно донесените протоколи, во јавноста веќе не се известуваше за ова прашање.

Истата, 2023 година во Белград беа пријавени повеќе од 2.000 лажни дојави за бомби, а Скопје престана да ги брои до 960. До денес нема одговори – кој и зошто ги испраќаше лажните дојави?

Во периодот од 26 октомври 2022 година до 02 март 2023 година од 76 е-маил адреси испратени се лажни дојави во 544 основни училишта, 332 средни училишта и 42 во други институции, при што се опфатени вкупно 918 локации на територија на Македонија, наведе тогаш МВР. Во април, истиот период министерот Спасовски спомена повеќе од 950 лажни дојави, за да прецизира 964 случаи.

Тој потсети дека во тој период по серијата лажни дојави беше формиран оперативен тим во рамките на Владата, во кој беа вклучени сите безбедносни служби, но и „сите релевантни структури со свои експерти со кои што практично беа разменети сите податоци и информации и соодветни решенија“.

ХИБРИДНИ ЗАКАНИ

„Фокус“ го контактираше тогашниот прв полицаец, за да ни објасни што се се случувало во тој период, дали и што успеале да откријат, како и која е позадината и дали во негово време имале информации од каде биле испраќани маиловите.

„Лажните дојави на бомби во јавните институции и во приватните објекти беше феномен кој се случуваше во целиот регион и во Европа и во светот. Во Македонија добија на интензитет преку електронските најави до институциите и секако дека тоа беа хибридни закани до македонското општество. Вакви случаи истиот период имаше и во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Германија. Ова се случуваше по влезот на Македонија во НАТО“, истакна Спасовски во изјава за „Фокус“.

Според него, хибридните закани беа основа за дневно политички препукувања.

„За секој од случаите беше покрената истрага и за неколку од случаите беа откриени сторителите и за нив се водеа постапки пред надлежните органи. Најголемиот број на дојави беа испратени преку т.н. VPN(Virtul Private Network) и на таквите дојави беше невозможно да се открие IP адреста на испраќачите. МВР презема активност на промена на Упатството во случај на дојава на поставена бомба, со која промена се третираше електронската закана и се сообрази со новите технологии и начини на делување“, додава Спасовски.

Тој додава дека суштината беше да се процени нивото на заканата и така да се постапува.

„Тоа беше најважно за да се справуваме на соодветен начин. Најважната карактеристика е јавноста на случувањата и тоа ги инспирира извршителите. За сите оние случаи кои беа поединечни и се открија утврдена е причината и за нив е водена постапка. За случаите, кои не се откриени можеме само да претпоставиме дека се гео, политички, економски, и секако криминални“, истакна Спасовски во изјава за „Фокус.

Тоа што е чудно во целата приказна е што сличната шема беше применета и во Црна Гора и Босна и Херцеговина, па од бројни маилови беа стигнати пораки со идентична содржина.

Единствената разлика во целата приказна од пред две години и сега е тоа беше донесена одлука да се сменат протоколите за постапување во вакви случаи и да престане да се известува на темата.

Веќе сме крај на 2025 година, но и оваа година не помина без лажните дојави за бомби, па така во февруари само во еден час беа испратени дури над 240 дојави за лажно поставени бомби.

„Нема потреба за паника, граѓаните, и родители и сите наставници во училиштата треба да бидат спокојни. Се работи за лажни дојави, за бомби секаде кај што го направивме. Ова се работи и сите проверки укажаа дека се работи за лажни дојави за бомби. Се работи за повеќе од 240 дојави.

Сите припадници на македонската полиција, реагираа совесно, брзо и сталожено без да се крева паника. Пристапија во училиштата, разговараа со директорите на училиштата, извршија проверки таму кај што требаше да извршат проверки. Имаме соодветен протокол и алгоритам по којшто ние постапуваме. Таму каде што параметрите беа позитивни, односно во зелена зона – наставата продолжи, таму каде што имаше одредени параметри во други зони се извршија дополнителни проверки и секаде се работи за лажни дојави, истакна тогаш Јанев.

НАРАЧАТЕЛ И ИЗВРШИТЕЛ

Од цела масовна „експлозија“ на лажни дојави за бомби, досега наводно неколку случаи беа решени од кои главните актери се малолетници.

Според полицискиот билтен, двајца малолетници од Скопје и еден од Кавадарци, од кои двајца добиле кривична за тероризам бидејќи преку својот мобилен телефон, но и од лап топ креирале лажна електронска пошта преку која испраќале вознемирувачка и заканувачка содржина до неколку училишта.

Исто така, двајца малолетници од Скопје на крајот на февруари, годинава во два наврати од своите мобилни телефони испратиле лажни закани за наводно поставени бомби во училишта во главниот град.

Малолетниците, и двајцата на возраст од 14 години, првата лажна дојава, како што информираат од полицијата, ја испратиле на 19 февруари од мобилниот телефон на едниот од нив. Содржината на мејлот била дека во две училишта во Скопје, едно основно и едно средно, е поставена бомба.

Закана за поставена бомба, исто така во две училишта, малолетниците испратиле и два дена подоцна, односно на 21 февруари, овојпат од мобилниот телефон на другиот од нив.

По извршени дополнителни проверки од страна на Секторот за антитероризам на МВР бил утврден и идентитетот на двајцата малолетници, кои биле повикани на разговор во полициската страница „Чаир“.

При разговорот, извршен во присуство на родител, инспектор за малолетничка деликвенција од СВР Скопје и адвокат, малолетниците, како што информираат од МВР, го признале и го појасниле начинот на кој извршиле делото.

„По извршениот службен разговор, со цел обезбедување на докази, со потврда за привремено одземени предмети од нивните родители се одземени два мобилни телефони со СИМ-картички, кои ги користеле пријавените малолетни лица“, велат од МВР.

Но, дали малолетници се тие кои седат поради ваквите лажни дојави за бомби во училиштата, се уште никој нема одговори.

„Фокус“ на оваа тема поразговара и со професорот по безбедност Владимир Пивоваров, кој тврди дека малолетниците што го направиле тоа, само сакале да го свртат вниманието кон себе.

„Поднесените пријави против малолетници од земјава укажуваат дека се работи за лица кои само сакаат да го свртат вниманието кон себе, да бидат во центар на внимание, иако знаат дека веднаш и ленсо ќе бидат откриени“, истакна професорот Пивоваров.

Сакале или не, атмосферата во однос на нив е посмирена. Факт е дека никој не може мирен да седи и се тоа да го помине во нормална атмосфера, ама со тоа што веќе не се известува на темата се намали малку од малку паниката и тензијата.

Но, што е главната цел на лажните дојави и која е позадината на случувањата, кои неколку години ја тресат Македонија, а удрија најмногу по најмладите.

Професорот Пивоваров уште тврди дека ако се анализираат дојавите за бомби од време на самата појава досега, такво масовно дојавување се случило на дента на посетата на шефицата на ЕК, Фор Дер Лајен.

„Во ист период, тоа се случуваше и во земјите во регионот. За вакви појави има нарачател и извршител. Извршителите се добро едуцирани лица кои ја користат можноста дојавите да ги ефектуираат од од било која гледна точка на планетата, што е скоро невозможно да се докаже. Зачудува фактот што последните години оваа појава спласна.

Ваквите појави предизвикуваат жестоки дебати меѓу политичките партии. Ако ова е начин за стекнување политички поени нека на таквите можни појави им служи на чест, се разбира доколку ја имаат таа човечка врвна доблест“, истакна професорот Пивовоаров за „Фокус“.

НЕМА СИСТЕМ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО СТРАНСКО МЕШАЊЕ И МАНИПУЛИРАЊЕ СО ИНФОРМАЦИИ

Како што на времето Спасовски тврдеше дека тоа се хибридни закани, истиот став сега го дели и актуелниот прв човек во владата, Христијан Мицкоски, кој пак пред да седне на премиерското столче тврдеше дека лажните дојави за бомби уште еднаш ја покажале нефункционалноста на целиот систем и неспособноста на раководните лица кои што ги раководат институциите и бараше да се свика седница на Советот за безбедност за бомбашките закани.

Тогаш Мицкоски тврдеше дека политичарите од власта не прават ништо за да се надмине овој проблем и дека треба да си заминат и „да дојдат луѓе кои што знаат како да се справат со овие предизвици”.

„Јас не сум од оние луѓе кои веруваат во теории на заговори, па поврзуваат дека ова е некаков си хибриден напад, па ќе се формираат некакви си тела за справување со хибридни напади. Едноставна е работата, имаме систем којшто е поразен и нефукционален и луѓе неспособни кои што го водат тој систем“, рече тогаш Мицкоски.

Но, сето тоа што актуелниот премиер го тврдел пред три години, денес ништо не важи, па тој го дели истиот став како владата на СДСМ во тој период. Сепак, Мицкоски заборавил дека постои архива во која како опозиционер се зачувани сите негови изјави, па и таа дека не верува во теории на заговор и хибридни закани.

Но, кога толку целата ситуација со лажните екплозивни направи се врти околу хибридните закани и странско мешање од моќни центри, тогаш редно време е да објасниме и што значи тоа?

Хибридните напади се закани кои се продуцирани со цел да поткопаат или наштетат на нечиј углед и статус, независно од тоа дали станува збор за индивидуа, колектив, институција, држава.

Тие се комбинација од воени и невоени средства, вклучувајќи дезинформации, сајбер напади, економски притисок…Брзината, обемот и интензитетот на хибридните закани е зголемен последните години, поради што и отпорноста, превенцијата и подготвеноста за справување со нив станува еден вид проиритет.

Македонија, како НАТО членка има обврска да ги подготви институциите и да ја зголеми отпорноста на хибридните закани, па за таа цел во 2021 година била донесена Национална стратегија за градење отпорност и справување со хибридните закани. Но, поради специфичноста и сложеноста на овој тип на закани, безбедносните структири мора кординирано да реагираат.

Странското мешање и манипулација со информации е една од најмоќните хибридни закани со кои се соочуваат демократските општества денес. СММИ не се потпира само на лаги, туку се служи со двосмисленост, повторување, и емоции како оружје, правејќи го информацискиот простор нестабилен и ранлив.

Уште полошо, тој функционира на прагот на војна, а неговата сила не лежи во убедувањето на луѓето во одредена лага, туку во сеењето сомнеж за се.

Во Македонија не постои систем за справување со странско мешање и манипулирање на информации (СММИ), ниту пак државата има механизам за брза и координирана реакција, констатираа уште во јуни на собраниската Комисија за одбрана и безбедност организирана заедно со Институтот за комуникациски студии.

Студиите направени од ИКС покажуваат сериозни институционални и законски слабости во справувањето со координирани дезинформациски кампањи поттикнати од странски државни и недржавни актери.

Недостатокот на стратешка координација, нефункционални правни механизми, ранлив медиумски простор и ниското ниво на медиумска писменост ја прават земјата подложна на хибридни закани и манипулативни наративи.

„Македонските институции се на почетно ниво за ефикасно справување – наративно постои свест, но реално многу малку се прави. Единствениот документ е Стратегијата за справување со хибридни закани во која има многу цитати, текстот е академски, но со малку оперативни активности. Пример за ова е нападот на Фондот за здравство кога беа одземени голем број лични податоци на граѓаните”, кажа тогаш универзитетскиот професор Методи Хаџи-Јанев, кој е еден од авторите на студиите.

Целата оваа „експлозија“ од лажни дојави од бомби ја стави државата под тест, на кој се уште нема никакво решение.

Оваа содржина е изработена во рамки на проектот „Следење, откривање и разобличување на скриеното странско мешање и манипулирање со информации“, што го спроведува Институтот за комуникациски студии, со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img