Судскиот совет денеска (24 декември) ја одложи 534. седница затоа што немаше кворум, откако во салата во 10 часот се појавија само шест члена. Претседателот на Советот, Александар Камбовски, констатираше дека со овој број присутни не може да се работи и најави дека дополнително ќе се утврди нов датум за одржување на седницата.
Според информациите, отсутните членови дел користеле годишен одмор, а дел биле на боледување. На седницата не присуствувале ниту претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, кои по функција можат да учествуваат во расправата, но немаат право на гласање.
На дневен ред биле седум точки, меѓу кои и расправа за пресудата на Управниот суд (У-5 бр.380/2025) донесена на 15 мај годинава, со која беше поништена одлуката на Собранието од 10 април 2023 за избор на Елизабета Дуковска за судијка на Уставниот суд – случај што со месеци е во фокус поради правните дилеми што ги отвори околу надлежностите и постапките меѓу институциите.
Одложувањето, во практична смисла, го поместува и рокот во кој Судскиот совет ќе треба да се произнесе по прашања што директно ја засегаат довербата во судството – од пензионирања и претставки, до постапување по известувања за утврдена фактичка состојба – во период кога јавноста очекува институционална јасност, а не административни паузи.







