По наредба на бугарскиот премиер во оставка Росен Желјазков, министерот за енергетика Жечо Станков спроведе проверка на расположливите количини на мазут во Бугарија. Проверката утврди дека на територијата на земјата има доволни резерви на мазут за домашните потреби, соопшти владината прес-служба, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.
Врз основа на утврдените доволни количини, бугарската влада ѝ понуди на Република Северна Македонија итни испораки на котелско гориво (мазут) со цел поддршка на земјата во услови на вонредната состојба прогласена вчера.
По налог на премиерот Желјазков, понудата беше упатена во рамките на телефонски разговор меѓу министерот за надворешни работи Георг Георгиев и неговиот колега од Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски. Бугарската страна изрази подготвеност да содејствува во обезбедувањето на потребните количества, при почитување на техничките и логистичките можности.
За време на разговорот беше истакнато дека обезбедувањето на помошта претставува израз на добрососедство и солидарност и е насочено кон гарантирање на енергетската безбедност и стабилност во регионот.
Понудата на Бугарија следуваше откако Владата на Република Северна Македонија синоќа прогласи вонредна состојба поради потешкотии во снабдувањето со енергенси. Причина за настанатата ситуација е блокадата на граничните премини со Република Грција од страна на грчките земјоделци, која го отежнува увозот на горива и суровини.







