Судии и јавни обвинители повторно тргнуваат по зголемување на платите – овој пат преку Уставниот суд. Тие тврдат дека намалувањето на нивните примања ја загрозува нивната независност и најавуваат дека ќе ја користат секоја правна можност за враќање на поранешните коефициенти за пресметка на плата.
Според информациите, во 2023 година, по зголемувањето на платите на сите функционери за 78%, на судиите и обвинителите, како и на останатите избрани и именувани лица, им беа намалени коефициентите за пресметка на плата во просек за 0,5 поени. Тогаш единствено судиите и обвинителите се побунија, инсистирајќи дека нивните примања не смеат да се намалуваат.
Владата и премиерот Мицкоски стојат цврсто зад ставот дека нема да има дополнително зголемување на нивните плати, поради лошите оценки и ниската доверба во правосудството, како и високите примања кои веќе ги имаат.
Сепак, судиите и обвинителите се решени да продолжат со својот притисок. Со враќањето на повисокиот коефициент за личен доход, секој од нив би добил околу 250 евра повеќе месечно, а Уставниот суд ќе биде нивната последна надеж да го постигнат тоа.







