Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и Министерството за внатрешни работи (МВР) реализираа голема акција во Скопје и околината, поради постоење сомневања за нелегално организирање игри на среќа и перење пари. Акцијата, која е резултат на повеќемесечна предистражна постапка, е спроведена вчеравечер и во текот на ноќта.
Под раководство на јавен обвинител, од ОЈО ГОКК велат дека биле извршени претреси на повеќе локации на подрачјето на Град Скопје.
При претресите, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Единицата за финансиски истраги пронашле реквизити за коцкање – карти, чипови, професионални маси за покер и друга опрема. Исто така, биле пронајдени и значителен износ на денари и евра, возила за кои постојат докази дека се набавени во критичниот период и наркотична дрога.
На една од локациите, 14 лица биле затекнати како играат игри на среќа во моментот на полициската акција. Од ОЈО ГОКК велат дека јавниот обвинител донел наредби за спроведување на две истражни постапки со кои се опфатени вкупно осум лица.








