Од вкупно 120 пратеници, 39 припаѓаат на немнозинските заедници и се дел од Бадентерот. Моментално, ВМРО и ВЛЕН заедно имаат 14 пратеници од малцинствата, што значи дека им недостигаат 6 пратеници за да го контролираат т.н. двојно мнозинство. Доколку се остварат најавите дека ДПА и ДПТ наскоро ќе станат дел од власта, тогаш ќе и требаат уште четворица пратеници од заедниците. Токму толку пратеници има Села…
Веднаш по завршувањето на локалните избори, се отвори темата дали ќе се прошири парламентарното мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ, која со коалициските партнери ВЛЕН и ЗНАМ стигнува до безмалку двотретинско мнозинство, меѓутоа не го контролира т.н. Бадентерово мнозинство.
–Се надевам дека дел од силите во парламентот ќе се прегрупираат во периодот што следува – рече премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, веднаш откако заврши гласањето во вториот круг од локалните избори.
Во следниот период, се засили дебатата за можно проширување на парламентарното мнозинство, со цел власта да воспостави контрола и врз мнозинство кај припадниците на заедниците, т.е. на „помалите“ етнички заедници, кое е неопходно за усвојување на одредени закони.
Во таа насока, пратеникот на БЕСА и на ВЛЕН, Аднан Азизи, деновиве изјави дека се водат интензивни разговори со пратеници од Националната алијанса за интеграција (НАИ) предводена од ДУИ кои, како што вели, се разочарани од политиките на НАИ и на Али Ахмети.
–Можам да потврдам дека имаме контакти и разговори со пратеници кои моментално се дел од опозициската коалиција. Повеќе опозициски пратеници ја прочитаа пораката на граѓаните на изборите и се спремни да ги поддржат политиките на развојот и промената – рече тој, без да посочи конкретни имиња.
Всушност, овие пораки се на линија на она што меѓу двата изборни круга го кажа еден од лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити, кој поточно истакна дека постои голема разочарност во спротивниот табор на НАИ, поради што тој очекува блокот на ДУИ да се распадне, а ДУИ да заврши како ПДП.
Притоа, Меџити наведе дека постои комуникација со пратеници од НАИ и патем не ја исклучи можноста крилото на Алијанса за Албанците, на чело со Зијадин Села, да влезе во Владата.
–Не ја исклучувам можноста тој (Села) да стане дел од Владата. Сите ние комуницираме. Толку е измешана политичката сцена, има толку многу турбуленции откако се формираа овие два блока и мислам дека ќе има уште турбуленции се додека не дојде до вистинскиот исход – изјави Меџити.
Арно ама, експресно реагираше Села, кој порача дека ќе продолжи да си „има работа“ со власта на ВМРО и ВЛЕН во парламентот, но не како партнери „рамо до рамо“, но како противници „лице во лице“.
„Изет, ти во комуникација со мене? Не. Јас дел од власта? Не. Јас на страната на тие што сакаат да ни ги укинат правата како народ? Не. Ги мерам моите достигнувања во политиката според тоа колку сум придонел за тоа Албанците да бидат порамноправни, а не според привилегиите на власта“, напиша Села.
Во меѓувреме, неговиот близок соработник и поранешен министер за правда, Кренар Лога, одлучи да се повлече од партиските функции и воопшто од партискиот живот и воедно најави дека ќе продолжи „во еден послободен и независен пат – како солист“.
Иако Лога не обелодени точно кои се неговите идни планови, сепак, неговото повлекување или политичко пензионирање власта го протолкува како потврда дека отпочнал процес на ситнење и распад на НАИ.
–Неговата оставка е еден чекор кон тоа – партиите кои се во коалиција со ДУИ во НАИ, полека но сигурно се делат и се распаѓаат… Не исклучуваме зголемување на бројот на пратеници – рече Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Наспроти тоа, од ДУИ тврдат дека ниту еден пратеник нема да премине во власта. Во тој контекст, Блерим Беџети оцени дека кривичната пријави против него поради сомнежи за незаконско градење претставува политички притисок на власта, со цел да се зголеми парламентарното мнозинство.
–Но, ниту јас ниту било кој друг од пратениците на ДУИ не се плаши и нема да попушти – рече Беџети, кој не даде ветување дека страната нема да ја сменат пратениците од НАИ кои се од други партии.
Исто така, и неговиот сопартиец Арбер Адеми уверува дека ДУИ ќе остане компактна. Според него, колку и да се труди, власта нема да може да го обезбеди Бадентеровото мнозинство, имајќи во предвид дека, како што вели, едвај опстојуваат како вештачка коалиција.
–Секако дека уште од првиот ден пред да се формира оваа Влада без етнички легитимитет, тие секојдневно изјавуваат дека еден, двајца тројца, четворица пратеници ќе преминат од опозицијата и ќе бидат дел од мнозинството, но ние сме сведоци дека се случи обратното – рече Адеми.
Инаку, тој алудира на Арбен Таравари, кој неодамна одлучи да замине од ВЛЕН и од Владата и да се приклучи кон НАИ предводена од ДУИ, каде со себе однесе тројца пратници, иако првично имаше петмина пратеници (еден поднесе оставка, а друг остана во власта).
На тој начин, албанската владејачка коалиција ВЛЕН падна од 14 на 11 пратеници, а парламентарното мнозинство падна од 78 на 75 пратеници, што значи дека тоа остана стабилно, меѓутоа двојното Бадентерово мнозинство остана под контрола на албанската опозиција.
Имено, „Фокус“ веќе пишуваше дека 39 од вкупно 120 пратеници се припадници на немнозинските заедници, што се утврдува со поднесување на изјава при конституирање на Законодавниот дом. Најголем број од нив се Албанци, но во Бадентерот влегуваат и припадниците на српската, ромската, турската, влашката и други заедници.
Најмногу од припадниците на овие заедници доаѓаат од двете албански коалиции во власт и во опозиција, но во помал број ги има и во другите коалиции. Поточно, некогашниот Европски фронт предводен од ДУИ по изборите имаше 18 пратеници и сите беа припадници на немнозински заедници. т.е. на албанската и на турската.
Но, мора да се истакне дека оваа коалиција во периодот меѓу ланските парламентарни и овогодишните локални избори падна на 16 пратеници, бидејќи прво се повлече лидерот на ДПА и пратеник Мендух Тачи, додека подоцна од фронтот излезе и Демократската партија на Турците, чиј претставник во парламентот е Бејџан Иљас.
Така, дел од коалицијата на ДУИ останаа десетмина пратеници од ДУИ, четворица пратеници избрани како дел од структурата на Села, како и уште двајца пратеници – Скендер Реџепи-Зејд од Народно движење и Сали Мурат од Движењето на Турците во Македонија за правда и демократија.
Но, слободно може да се констатира дека т.н. албанска опозиција има 19 пратеници, ако се земат во предвид и тројцата пратеници од таборот на Таравари. Меѓутоа, пратеници од немнозинските заедници нема само во коалициите на ДУИ и на ВЛЕН, туку има и во коалициите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, како и во Левица.
Според официјални информации, во ВМРО-ДПМНЕ и нивната предизборна коалиција има тројца пратеници од малцинствата – Драган Недељковиќ (Србин), Мевмед Џафери (Турчин) и Душко Иванов (Влав). Потоа, има двајца пратеници во СДСМ – Фатмир Битиќи (Албанец) и Митко Трајчулевски (Влав), како и уште двајца пратеници во Левица – Амар Мециновиќ (Бошњак) и Реџеп Исмаил (Турчин).
Па, се доаѓа до вкупна бројка од 39 пратеници, така што дел од власта моментално се 14 пратеници (11 на ВЛЕН плус 3 на ВМРО-ДПМНЕ), додека останатите се во опозиција. Станува збор за 19 пратеници на ДУИ и двете крила на АА на Села и Таравари, плус Реџепи и Мурат, потоа по двајца има во СДСМ и во Левица и на крајот тука треба да се вбројат Тачи и Иљас.
Така, 25 пратеници од „помалите“ етнички заедници сега не се дел од парламентарното мнозинство, односно формално се во опозиција, со тоа што за дел од нив мора да се нагласи дека со една нога се во власта или веќе се тргнати по тој пат.
Како што е познато, новото раководство на Демократската партија на Турците, на чело со Зулфиќар Зејнула, одлучи ДПТ на локалните избори да настапи самостојно, што значеше официјално напуштање на коалицијата на ДУИ.
„За нас, овие избори не се обична трка за советнички места, тие се борба за достоинствено, јасно и ефикасно политичко претставување на турската заедница“, соопштија од оваа партија, чиј лидер Зејнула предизборно се сретна со Мицкоски.
Претходно, од коалицијата на ДУИ замина ДПА на Тачи, кој предизборно предизвика внимание со изјавата дека ДУИ молела да влезе во Влада на ВМРО без никакви барања и услови. Откако не настапи на локалните избори, партијата порача дека е отворена за влез во власта.
–Немаме добиено покана, но всушност нема да ја одбиеме поканата ако ја добиеме. Ќе имаме дијалог или дебата, поточно, со сите од сега па натаму, вклучително и со Владата – рече Имер Алиу од ДПА.
Имајќи го сето тоа во предвид, може да се очекува дека парламентарното мнозинство наскоро да се зголеми со двајца пратеници од заедниците (Тачи и Иљас), со кои власта би контролирала 16 пратеници од „помалите“ етнички заедници.
Тоа значи дека на власта ќе и требаат уште четворица пратеници од малцинставата за да дојде до 20 пратеници од „помалите“ етнички заедници, колку што се неопходни за да воспостави контрола врз Бадентеровото мнозинство.
Токму четворица пратеници има таборот на Села, кој, како што неодамна објавивме, регистрирал нов политички субјект со назив Албански сојуз, поради тоа што се уште нема епилог судскиот процес што го водат со приврзаниците на Таравари за печатот на Алијанса за Албанците.
Поради тоа што и ВМРО и ВЛЕН тешко можат да му го простат „предавството“ на Таравари, власта испраќа одредени сигнали за воспоставување на соработка со Села, кој има четворица пратеници (Села, Елми Азири, Илир Демири и Илире Даути), колку што впрочем и се потребни на власта за да има Бадентер, под услов целосно да ги придобие Тачи и Иљас.
Арно ама, дискубатилно е какви услови Села би испорачал за да влезе во Владата и колку тие би биле прифатливи? Ако тој опстои на барањата за брзи уставни измени со цел внесување на Бугарите и промена на формулацијата „20 проценти“ со албански јазик, тогаш договор е невозможен, особено ако истовремено во пакетот се вклучат и крупни кадровски барања.
–Постојат канали на комуникација со Села, меѓутоа има различни мислења за отстапките што треба да се направат за да се обезбеди Бадентер. Главната дилема е колку навистина ни е реално потребно ова мнозинство и дали вреди за тоа да правиме крупни отстапки, вклучително и во смисла на функции – вели висок владин функционер.
Оттука, власта ќе треба да одлучи дали да влезе во процес на обезбедување на двојно мнозинство? Дали за таа цел да се обиде да постигне договор со Села? Или, пак, мнозинството да продолжи да функционира без Бадентер, а доколку има потреба да се обезбедува на креативни начини?
Како што е познато, Бадентеровото мнозинство е потребно за закони кои ги засегаат културата, употребата на јазици, образованието, личните документи, употребата на симболите…
За некои законски решенија е потребен обичен или мал Бадентер, што подразбира мнозинство од претставниците на немнозинските заедници кои се моментално присутни на седница, но за дел од законите е потребен голем Бадентер или мнозинство од сите 39 пратеници од заедниците, што конкретно значи мнозинство од 20 пратеници.
Освен за зголемување на парламентарното мнозинство, во јавноста се говори и за реконструкција на Владата, која премирот Мицкоски ја најави уште на почетокот на оваа 2025 година. Сепак, таа треба да се случи по закажаниот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на декември.








