2.8 C
Skopje
3 February, 2026

Мапа

независен информативен портал
spot_imgspot_imgspot_img
HomeМакедонијаОсвен во Центар, СДСМ во вториот круг има шанси за победа во...

Освен во Центар, СДСМ во вториот круг има шанси за победа во Крушево, Росоман, Пробиштип, Лозово, Демир Капија…

- Advertisement -spot_img

Во првиот изборен круг, СДСМ освои 3 општини – Крива Паланка, Богданци и Кривогаштани. Притоа, кандидатите на опозициската партија имаа најмногу гласови во Центар, Крушево, Лозово, Росоман и Чучер Сандево, каде влегуваат како благи фаворити во вториот круг. Но, партијата има шанси за победа и во уште неколку средини, каде се очекува тесна и неизвесна битка, со оглед на фактот дека кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ постигнаа мали разлики во првиот круг. Во оваа група влегуваат Пробиштип, Дојран, Демир Капија, Зрновци, Чешиново Облешево.

Во првиот круг од локалните избори, СДСМ освои тројца градоначалници во Крива Паланка, Богданци и Кривогаштани. Иако факт е дека најголемата опозициска партија ќе доживее убедлив пораз од ВМРО-ДПМНЕ, па дури и тешко може да ја стигне бројката од петнаесетина градоначалници, колку што освои на претходните локални избори, сепак, има реални шанси да победи во уште неколку градоначалнички трки во вториот круг, кога треба да се гласа во триесетина општини.

–Гласајте и изберете локална власт која е вистински сервис за граѓаните, за кандидати што нема да ја затворат вратата. После изборите таа врата ќе биде отворена за секој, кога било кој граѓанин ќе има потреба и кога некој граѓанин ќе сака да биде слушнат. Тоа е глас за луѓе кои ги исполнуваат ветувањата и кои интензивно и силно и посветено ќе работат да живееме подобри општини и градови во иднина – истакна партискиот лидер Венко Филипче, додавајќи дека СДСМ нема да навлегува во никакви „калкулации или заткулисни договори“.

Една од најважните општини каде социјалдемократите очекуваат повторно да добијат градоначалник е скопски Центар. Имено, актуелниот градоначалник Горан Герасимовски влегува како фаворит во оваа трка, со оглед дека во првиот круг освои 8.535 гласови, што е за 2.828 гласови повеќе во однос на неговиот противкандидат од ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ, Мирослав Лабудовиќ, кој освои 5.707 гласови.

Во пресрет на вториот круг, Герасимовски изјави дека е сигурен оти ќе ја потврди победата и дека ќе освои втор последователен мандат. Меѓутоа, Лабудовиќ верува дека ќе направи пресврт, бидејќи, како што рече, очекува дека на неговото конто ќе се слеат гласовите што ги освоија другите кандидати, бидејќи, според него, сите тие биле гласови за промени.

Инаку, кандидат за градоначалник на Центар имаше и Левица – Марија Среброва, која освои 2.121 гласови. Воедно, доста респектабилен резултат постигна поранешната антикорупционерка Билјана Ивановска, која како независна кандидатка освои 4.465 гласови, кои може да бидат многу значајни. Сепак, таа порача дека нема намера никого да поддржи во вториот круг, туку ќе ги остави гласачите самостојно да одлучат.

Дека работите во оваа општина се комплицирани, потврдува гласањето за Советот на Центар. Конкретно, советничката листа на СДСМ освои 6.089 (8 мандати), што е за 2.446 гласови помалку од оние што ги освои Герасимовски. Потоа, советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ освои 6.003 гласови (7 мандати), а листата на ЗНАМ 1.884 гласови (2 мандати). Оттука, советничките листи на коалициските партнери заедно освоиле 7.887 гласови, што е 2.180 повеќе од гласовите на нивниот кандидат Лабудовиќ.

Освен во Центар, кандидатите за градоначалници на СДСМ во уште 4 општини влегуваат со реални шанси за победа, бидејќи имаа најмногу гласови во првиот круг. Една од овие општини е Крушево, каде актуелниот градоначалник од СДСМ Томе Христоски освои 2.534 гласови, а неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ Нико Чонески освои 2.173 гласови. Патем, овде СДСМ го победи ВМРО и на изборите за општинскиот совет со резултат 1.873 наспрема 1.682 гласови.

Понатаму, СДСМ во првиот круг победи и градоначалничката трка во Чучер Сандево, каде актуелниот градоначалник Сашко Комненовиќ освои 1.976 гласови, а неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ Зоран Бајовски освои 1.914 гласови. Од особено значење за конечниот исход во вториот круг ќе имаат гласачите кои во првиот круг гласаа за независниот кандидат Влатко Смоковски, кој освои 1.264 гласови.

Уште една од ретките општини каде кандидатот за градоначалник на СДСМ освои најмногу гласови во првиот круг е Росоман, каде во вториот круг ќе се сретнат Стојан Николов од СДСМ (1.122 гласови) и Ѓорѓи Крстевски од ВМРО-ДПМНЕ (1.109 гласови). Но, ситуацијата е различна ако се погледнат советничките листи, имајќи во предвид дека листата на ВМРО во Росоман освои 755, а листата на СДСМ 489 гласови.

И, последна општина каде СДСМ постигна успех во градоначалничката трка во првиот круг е Лозово, каде партискиот кандидат Ацо Велковски освои 651 гласови, а кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Бошко Цветковски освои 573 гласови. Меѓутоа, треба да се нагласи дека СДСМ има одредени шанси во вториот круг да дојде до градоначалник и во неколку други општини, каде имаше релативно мало заостанување во првиот круг, кое остава простор за можен пресврт.

Врз основа на изборните резултати, во групата на овие општини може да се наведе Чешиново Облешево, каде во првиот круг тесна предност имаше кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Јорданче Костадинов со освоени 1.358 гласови, додека неговиот противкандидат од СДСМ Горанчо Крстев освои 1.331 гласови, што претставува разлика од само 27 гласови.. Релативно мала разлика имаше и во Ранковце, каде Даниел Павловски од ВМРО освои 836 гласови, а Даниел Крстевски од СДСМ 733 гласови (103 гласови разлика).

Слична е ситуацијата и во Конче, каде во првиот круг Златко Ристов од ВМРО освои 904 гласови, а Благој Илиев од СДСМ освои 762 гласови (142 гласови разлика). Уште потесна беше разликата во првиот круг во Зрновци, каде Борчо Коцев од ВМРО освои 644 гласови, а Ванчо Митев од СДСМ освои 588 гласови (56 гласови разлика). Во Дојран, пак, Илија Тентов од ВМРО освои 948 гласови, а Ристо Џинев од СДСМ освои 857 гласови (91 глас разлика).

Од градските центри, може да се издвои и Демир Капија, каде во првиот круг Наталија Димитриева од ВМРО освои 1.006 гласови, а Лазар Петров од СДСМ освои 974 гласови, што претставува разлика од само 59 гласови. Во овој контекст, интересна битка се очекува и во Пробиштип, каде во првиот круг Тони Тоневски од ВМРО освои 3.687 гласови, а Драган Анастасов од СДСМ освои 3.657 гласови, или само 30 гласови помалку од неговиот противкандидат.

Како што веќе пишувавме, неизвесни битки се очекуваат и во неколку големи и значајни општини, не само поради тесниот резултат во првиот круг, туку поради специфичната ситуација и можните политички комбинаторики. „Фокус“ ги анализираше можните разврски во Карпош, Куманово, Кочани, Кичево, Струга, Тетово, Брвеница, Долнени… Со оглед на големите разлики во првиот круг, се чини дека постојат само теоретски шанси за пресврт во други општини, како Град Скопје, Аеродром, Неготино, Виница, Дебарца…

За потсетување, СДСМ во првиот круг освои тројца градоначалници и имаше водство во вкупно 8 општини, НАИ предводена од ДУИ освои тројца градоначалници и имаше водство во 5 општини, ВЛЕН освои 5 градоначалници и имаше водство во 9 општини, а најмногу гласови освои ВМРО-ДПМНЕ, која веќе освои над 30 градоначалници и имаше водство во 50 општини. Меѓу останатите, владејачката партија без борба освои уште 2 општини – Могила и Македонски Брод, бидејќи независните кандидати кои влегоа во вториот круг се повлекоа.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img