Реката Вардар, некогашен симбол на главниот град и животниот пулс на Македонија, денес е претворена во канал полн со ѓубре. Долж кејот и под мостовите никнуваат мали диви депонии, кои со првиот посилен ветер или дожд завршуваат токму таму каде што најмалку треба – во реката.
Покрај реката никнуваат мини депонии што се создаваат од несовесни граѓани, фирми и дури и јавни установи кои го оставаат отпадот веднаш до кејот. Нема редовно чистење, ниту инспекциски надзор.
Кога дождот ќе надојде, дел од тој отпад се слева во Вардар – и така почнува нов циклус на загадување што завршува десетици километри подолу.
Вардар одамна не е само еколошко прашање, туку огледало на културата и совеста на градот. Секојдневно поминуваме покрај него, го гледаме ѓубрето, но ретко кој реагира. Институциите повремено најавуваат чистење, но решението не е во еднодневни акции, туку во системска грижа – постојан надзор, санкции и едукација на граѓаните.









