Зголемен број на случаи на врсничкото насилство во Охрид. Последниот, во кој тројца малолетници му нанесоа телесни повреди на соученик во близина на училиштето го вклучи алармот. Психолозите велат, булингот се јавува во сите форми, психолошко, физичко, и сајбер насилство. Причините се намалената емпатија и ниската емоционалната интелигенција кај децата и адолесцентите.
„Најжално е што младите како модел веќе го прифатија по лесниот начин. Да бидеш насилен, за да бидеш лидер. Имитацијата, агресијата се должи на кумулиран бес, кумулирана фрустрација, неспособност, можам да кажам, да ги решаваат проблемите или она што се случува на начин којшто е прифатив“, вели Анастасија Настоска, психолог.
Загрижува тоа што булингот е присутен и во најрана возраст, а најмногу кај адолесцентите. Социјалните мрежи им станаа орудие на насилниците, а повлечените и срамежливи деца тивки жртви.
„Значи, децата кои не имаат толку сигурност во себе и лично сметат дека не можат да се справат со посилните, тие најчесто се мета. Најлошото е што тука го спомнав во почетокот, тие покрајшто го прават насилството, тие го поставуваат на социјалните мрежи. Тоа е уште полошиот момент“, додава Настоска.
Најважно во борбата со булингот е рано откривање и навремена реакција од страна на сите институции.









