2.8 C
Skopje
1 February, 2026

Мапа

независен информативен портал
spot_imgspot_imgspot_img
HomeМакедонијаЃорѓиевски најави мега парк покрај Лепенец и нови инфраструктурни проекти за Карпош

Ѓорѓиевски најави мега парк покрај Лепенец и нови инфраструктурни проекти за Карпош

- Advertisement -spot_img

Кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави изградба на мега парк покрај реката Лепенец, како дел од големата визија за зелено и поврзано Скопје.

На теренска посета во општина Карпош, Ѓорѓиевски најави дека со проектот „Мега парк – Лепенец“ просторот покрај реката, кој со години бил запоставен, ќе се трансформира во современ зелен појас со рекреативни и спортски содржини.

„Ќе го претвориме овој дел во симбол на еколошка обнова и урбано живеење. Паркот ќе се простира на површина од над 300.000 квадратни метри и ќе биде првиот мегапарк кој ги поврзува повеќе општини,“ изјави Ѓорѓиевски.

Проектот предвидува изградба на зелени коридори по целата должина на реката Лепенец, со пешачки и велосипедски патеки кои ќе ги поврзуваат населбите, парковите и јавните објекти. Со тоа, Лепенец ќе биде интегриран во животот на градот како симбол на чиста животна средина и урбана поврзаност.

Ѓорѓиевски најави дека визијата за зелено Скопје не застанува со овој проект. Меѓу планираните капитални парковски проекти се:

Мега парк Вардариште – на местото на поранешната депонија;

Градска шума „Расадник“ – најголемиот зелен проект во урбано подрачје;

Мега парк долж булевар „Христијан Тодоровски Карпош“;

Зелен коридор во Бутел;

„Скопски зелен архипелаг“ – проект за изградба на 50 маалски паркови низ сите скопски општини.

Покрај новите паркови, најавена е и целосна реконструкција на Градскиот парк и Паркот на природата Гази Баба, со што двата симбола на зеленото Скопје ќе добијат современ изглед.

Во делот на сообраќајната инфраструктура, Ѓорѓиевски истакна дека приоритет ќе биде доизградбата на булевар „Љубљанска“, со што ќе се воспостави клучна врска меѓу северниот и западниот дел на градот.

„Со комплетирањето на овој дел ќе се растовари метежот на булеварите ‘Партизански одреди’ и ‘Илинденска’, ќе се подобри пристапот кон Злокуќани и Бардовци, и ќе се обезбеди побрз излез кон обиколницата,“ нагласи тој.

Проектот опфаќа и пробивање и поврзување на улицата Љубљанска со влезот во Бардовци, со можност за изградба на кружен тек или адаптивна семафоризација, како и забрзана доизградба на клучката „Момин поток“, која треба да ја деблокира една од најоптоварените скопски крстосници.

Дополнително, ќе се изврши и реконструкција на улицата „Загребска“, важна за пристапот до Детската болница „Козле“, како и за безбедното движење на возилата на итната помош.

„Со овие проекти, Скопје ќе стане град по мерка на човекот – зелен, мобилен и функционален,“ порача Ѓорѓиевски.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img