Во текот на 2025 година, двајца вработени во осомниченото правно лице и полициски службеник формирале група со цел стекнување противправна имотна корист преку злоупотреба на службената положба и овластувања, давање и примање поткуп, како и пустошење на шумите.
Придружени од други осомничени, кои се вработени во различни институции (Министерството за внатрешни работи, ЈП Национални шуми подружница Малешево, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и невработени лица), тие реализирале нелегални активности кои довеле до опустошување на шума во површина од 6.000 хектари, сопственост на ЈП Национални Шуми ПСШ Малешево. Како резултат на нивните дејствија, била исечена дрвна маса во количина од 1.500.000 метри кубни, со вредност од 6.405.000.000 денари.
Организаторите на групата извршиле нелегална сеча на дрвна маса, која потоа била транспортирана и продавана како легално исечена, со цел да се оствари противправна имотна корист, се вели во соопштението на Обвинителство.







