Министерот за култура Христијан Љутков денеска ја посети семејната куќа на Апасиеви во Велес, објект кој се наоѓа под заштита како дел од културното наследство. Посетата беше во рамки на увид во тековните реставраторски и конзерваторски активности.
За обнова и конзервација на куќата Министерството за култура обезбеди средства во износ од 4 милиони денари, со цел заштита на автентичниот изглед и продолжување на животот на ова архитектонско наследство.

Министерот нагласи дека институциите остануваат посветени на зачувување на културно-историските објекти во државата, а особено на оние кои претставуваат значаен дел од локалниот и национален идентитет.
„Семејната куќа на Апасиеви е дел од нашето културно наследство кое мора да се зачува за идните генерации. Владата и Министерството се определени да вложуваат во заштита и промоција на овие објекти,“ изјави Љутков за време на посетата.
Со реализацијата на проектот, се очекува куќата да добие ново културно значење и да биде достапна за пошироката јавност.









