Коалицијата ВЛЕН денеска остро реагираше на изјавите на ДУИ поврзани со вработувањето на Албанци во државните институции, обвинувајќи ја партијата дека преку клевети се обидува да ги прикрие своите неуспеси за време на повеќе од две децении владеење.
„Јавноста добро знае дека повеќе од 20 години тие се грижеа единствено за комфорот на своите семејства, обезбедувајќи им работни места со плати многукратно повисоки од државниот просек,“ се наведува во реакцијата на ВЛЕН.
Од коалицијата обвинуваат дека наместо да дадат отчет зошто Албанците биле претворени во администрација без реално влијание и зошто останале без вистинска застапеност, функционерите на ДУИ избираат да шират клевети.
ВЛЕН директно посочи кон министерот за надворешни работи Бujar Османи, за кого тврдат дека неговата сопруга прима месечна плата од над 100 илјади денари, додека неговата сестра во М-НАВ зема повеќе од 3 илјади евра месечно.
„Албанците добро знаат колку семејствата на функционерите на ДУИ профитираа. Во следните денови ќе ја објавиме целосната листа на вработувања на семејни членови на ДУИ во изминатите 20 години, со имиња и презимиња,“ најавуваат од ВЛЕН.
Коалицијата дополнително порача дека ќе покрене соодветни постапки против клеветите доколку од ДУИ не биде упатено јавно извинување.









