Економската моќ на општините каде што работат рудниците значително расте. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) во првата половина на 2025 година наплатило рекордни 546,9 милиони денари од концесионерите, што претставува зголемување од 126% во споредба со истиот период минатата година.
Најголемиот дел од тие средства завршува токму во општинските буџети. Според закон, 78% од концесискиот надоместок останува во општината каде што се врши експлоатацијата, а само 22% оди во државната каса. Така локалните власти добиваат свежи средства за патишта, училишта, здравствени услуги и заштита на животната средина – токму во време кога јавните финансии се под голем притисок.
Нови тарифи и построга контрола
Зголемените приходи се резултат на два фактора: повисоките тарифи и засилената контрола. Во 2025 година МЕРМС усвои нов тарифник, со кој надоместоците за експлоатација на минерални суровини скокнаа и до 100%. За обоени метали надоместокот се зголеми од 2% на 4%, а за мермерот на 5% од приходите. Новите правила се дел и од нацрт-законот за рударство, каде што се предвидени построги механизми за наплата, казнени камати и дури раскинување на концесии во случај на неплаќање.
Локалните приказни
Македонска Каменица – со помалку од 7.000 жители, целосно зависи од рударството. Рудникот САСА вработува околу 780 лица, повеќе од половина од активната работна сила. Во 2024 година општината инкасирала речиси 107 милиони денари концесиски приходи, а со новите тарифи очекува уште поголема финансиска стабилност.
Крива Паланка – со околу 18.000 жители и рудникот Тораница како главен економски двигател. Во 2024 година, општината добила околу 40 милиони денари од концесии, а годинава се очекува сумата да биде речиси двојно поголема.
Пробиштип – традиционален рударски град со околу 13.000 жители. Минатата година наплатил 23,7 милиони денари од концесиски надоместоци, а зголемените тарифи најавуваат уште посилен раст.
Радовиш, Конче и Штип – преку рудниците Бучим и Боров Дол се очекуваат концесиски приходи од 181,7 милиони денари (речиси 3 милиони евра).
Финскиот модел – рударство и туризам заедно
Финска веќе покажа дека рударството и туризмот можат да одат рака под рака. Во Киттила, Лапонија, златниот рудник функционира паралелно со најголемиот ски-центар Леви, создавајќи стабилна економска комбинација. Локалната власт вложува во заедничка инфраструктура, а рударската компанија нуди дури и туристички тури во рудникот. Овој модел може да биде инспирација и за Македонија.
Што ако ги снема рудниците?
Рударството е една од најстарите и најважни индустрии – од градежништво и енергетика, до здравство и технологија. ЕУ веќе ги вклучи оловото, цинкот и ретките метали во листата на критични суровини. Со растечката регулатива за одговорно рударство и своите ресурси, Македонија може да стане стратешки партнер во европската приказна за суровинска безбедност.








