Министерот за транспорт, Александар Николоски, истакна на денешниот настан „Саем‑Отчет: 4 години работа за тебе“ дека во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта се развива проект за целосно автопатско поврзување меѓу Скопје и Битола.
Проектот предвидува изградба на автопатско или експресно решение кое ќе овозможи патување по модерен, брз и безбеден пат, со времетраење од приближно еден час и 30 минути. Очекувањата се дека автопатската инфраструктура ќе биде готова во периодот 2028–2029 година, со потенцијално позитивно влијание врз бизнис‑климата во Битола и регионот.
Дополнително, Николоски спомена дека во Штип се реализираат два значајни проекти поврзани со туризмот. Се работи на урбанизација во областа на бањата Кежовица, како и на изградба на прво вештачко туристичко езеро над Штип, со цел подобрување на туристичките потенцијали.









