Вкупниот приход што лани заеднички го оствариле сите електрани што работат со обновливи извори на енергија е 107,7 милиони евра, покажуваат податоците од Бизнис Мрежа.
Нивната вкупна добивка е речиси 24 милиони евра, податок што покажува дека оваа дејност е високо профитабилна, со големо учество на профитот, од дури 22,8 насто, во вкупниот приход во дејноста. Сепак, податоците покажуваат и дека иако приходот во 2024 година се зголемил во однос на 2023 година, добивката се намалила.
Постојат 1494 централи од обновливи извори
Обновливите извори на енергија создаваат една сосем нова енергетска приказна за нашата држава. Увозот на електрична енергија значајно се намали, а бројот на производители на струја од обновливи извори на енергија се зголеми. Податоците од крајот на 2024 година зборуваат за дури 1.494 електроцентрали од обновливи извори со вкупна инсталирана моќност од 1.663 MW, што претставува речиси 56 насто од вкупната инсталирана моќност на територијата на државата! Нивното производство, пак, лани учествувало со 41 насто во вкупното производство на електрична енергија. Според Извештајот на Регулаторната комисија за енергетика за 2024 година, најзабележителен е порастот во производството на електрична енергија од фотонапонските електроцентрали, дури за 186 насто во споредба со 2023 година. Споредено со 2014 година, производството на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали е зголемено за речиси 60 пати!
Минатата година 89 насто од бруто-домашната потрошувачка на електрична енергија е обезбедена од домашно производство. Значи, увозот изнесувал 11 насто. Пред да почне експанзијата со обновливите извори, зборувавме и за увоз од 30 насто.
Пари, во соработка со Бизнис мрежа, ги анализираше најголемите производители на струја од обновливи извори. Пресметките покажаа дека десетте најголеми по приход, направиле заеднички промет од 54,8 милиони евра во 2024 година, десетте компании што се на врвот по добивки направиле заеднички профит од 15,1 милион евра, а најголемите 10 работодавачи меѓу ваквите производители на струја, заедно имаат само 154 вработени.
Целата објава на следниот линк: https://pari.com.mk/biznis-so-struja-sonceto-pece-vodata-tece-koj-stavi-24-milioni/









