Автобуската линија 35 ќе биде продолжена до Радишани, со што Општина Бутел преку јавниот градски превоз директно ќе се поврзе со Општина Аеродром, најави градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски.
Тој информира дека процедурата за продолжување на линијата е завршена и дека е постигнат договор со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и со директорот на ЈСП.
„Деновиве ќе го презентираме новиот возен ред, а за неколку дена ќе биде пуштена пробна линија која ќе сообраќа до последната станица на линијата 57 во Радишани“, објави Костовски на Фејсбук.
Тој изрази надеж дека за продолжената линија ќе има голем интерес од граѓаните и дека таа ќе остане трајно решение.
Костовски им се заблагодари на Град Скопје и ЈСП за соработката, како и на жителите на Бутел за предлозите и сугестиите за подобрување на јавниот превоз.






