„Битола отворен град“, најголемиот и најдолговечен младински урбан фестивал во Македонија, годинава одбележува значаен јубилеј – 25 години постоење. Фестивалот и во 2026 година е дел од Програмата за култура на Општина Битола, која деновиве беше претставена пред јавноста на тркалезна маса.

Во организација на Младинскиот културен центар – Битола, фестивалот со децении претставува платформа каде младите не се само публика, туку активни учесници во културниот и општествениот живот. „Битола отворен град“ ја негува алтернативната уметност и урбаната култура, поттикнува културен активизам и придонесува за развој на културниот туризам во градот.
Јубилејното издание во 2026 година нема да биде формално одбележување, туку вистински градски настан кој ќе се слуша, гледа и памети, порачуваат организаторите.

Фестивалот досега угостил над 550 уметници од повеќе од 40 земји и реализирал над 320 настани во јавни и алтернативни простори. На неговите сцени настапиле бројни регионални и домашни музички имиња, а посебно место секогаш има и македонската алтернативна сцена.

„Битола отворен град“ е еден од најпрепознатливите симболи на МКЦ – Битола и еден од најпосетените урбани настани во регионот. Фестивалската програма и годинава ќе се реализира на отворени простори низ Битола, а фестивалот повторно им е посветен на младите и на урбаната култура во градот.










