Поранешниот премиер, поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ и сегашен претседател на ВМРО-Народна, Љупчо Георгиевски, не разбира зошто сегашниве македонски власти одат против „францускиот предлог“ кога тој ја поништо ригидната бугарска политика.
„Пред нас е еден предлог од Европската унија, кој го нарекуваме ‘француски предлог’, кој многу е јасен, многу е прецизен и не знам зошто се оди контра тој предлог“, вели Георгиевски во изнтервју за порталот „Рацин“.
„Не смееме да заборавиме дека тој ‘француски предлог’, практично и де факто беше поништување на една ригидна позиција на бугарската политика со оној, непријатен став дека до 1945 година, сте биле Бугари, а од ‘45 година сте Македонци, кој беше усвоен од бугарскиот парламент.
Многу малку се дава значење во Македонија дека ‘францускиот предлог’ практично ја поништи таа идеја. Го поништи тој предлог затоа што за ‘францускиот предлог’ се гласаше исто така и во бугарскиот парламент и наместо тоа да се толкува тоа како една победа, ние го тоа толкуваме како пораз.
Не знам од кои причини, најверојатно од дневно-политички причини на почетокот, меѓутоа после стана дел од нашата блокада. Бугарија еволуираше од таа позиција и гледаме дека после францускиот предлог провокативните позиции од страна на бугарски политичари се сведени на некој минимум.
Сега и внесувањето на Бугарите во Уставот ни е проблем. И протоколот ни е проблем, па до најновата позиција, која сега ја слушаме во последните месец-два, при што ние наметнуваме услови на Европската унија и на Бугарија. Сега ние сме тие коишто поставуваме услови на ЕУ, ако сакаме да одиме понатаму. Сето тоа зборува дека оние кои се главни и одговорни за нашиот пат кон ЕУ во овој момент, немаат сериозна политика за да се пробие оваа последна ставка и да почнеме со нашата финална евроинтеграција, освен ако не се случува нешто зад кулисите што не го знаеме“, вели Георгиевски
.







