Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека жичарницата на Водно нема да биде пуштена во употреба додека целосно не завршат реконструкцијата, сервисирањето и сите безбедносни проверки.
Во гостување во „Ноќно студио“ на 4ТВ, Ѓорѓиевски рече дека по преземањето на функцијата побарал од компанијата „Допелмаер“ детална проверка на жичарницата, при што биле утврдени сериозни недостатоци.
Како еден од најголемите проблеми го посочи системот за следење на движењето на кабините.
„Кај нас три од четири сензори не функционираа“, изјави Ѓорѓиевски, додавајќи дека од компанијата му било посочено оти жичарницата морала веднаш да престане со работа.
Според него, во наредните денови треба да пристигнат потребните резервни делови и оперативниот тим кој ќе работи на реконструкцијата. Најавена е и дополнителна обука на вработените задолжени за идното одржување и редовните проверки.
Жичарницата повторно ќе биде пуштена во употреба откако компанијата ќе потврди дека интервенциите се завршени и ќе бидат обезбедени потребните сертификати и гаранции за безбедност.
Ѓорѓиевски најави дека по завршувањето на целиот процес лично ќе се качи на жичарницата заедно со директорот на ЈСП, вработените и своите деца, како потврда дека има доверба во нејзината безбедност.






