Кандидатот за градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес одржа конструктивна координативна средба со новото советничко мнозинство во Град Скопје, предводено од носителот на листата, Даме Димитровски.

Ѓорѓиевски им се заблагодари на сите граѓани за, како што рече, „огромната доверба и поддршка“ што ја дадоа и за него и за советничката листа, потенцирајќи дека тоа е „поттик и обврска за уште посилна и поодговорна работа“.

„Во градот Скопје имаме сериозно стабилно советничко мнозинство. На средбата разговаравме за првите чекори по преземањето на функцијата и за најважните приоритети до крајот на годината,“ изјави Ѓорѓиевски.
Тој најави дека првиот ребаланс на буџетот ќе биде насочен кон враќање на функционалноста на градот, реализација на капитални инвестиции, подобрување на инфраструктурата, чиста животна средина и стабилизирање на јавните претпријатија.
„На Скопје му се потребни стабилност, план и работа – а не експерименти. Советот ќе биде двигател на тие промени, насочен исклучиво кон интересот на граѓаните,“ нагласи градоначалникот.
Тој порача дека новото мнозинство ќе функционира како силен синџир на одговорни и посветени луѓе, а вратата за соработка со сите советници останува отворена.
„Верувам дека во наредните четири години, со заедничка визија и труд, ќе го направиме Скопје повторно достоинствен град на кој сите ќе се гордееме,“ истакна Ѓорѓиевски, посакувајќи успех на сите советници во нивната работа.
Во завршницата, тој упати порака и до граѓаните:
„Ве повикувам за уште поголема поддршка во вториот круг. Да се фатиме за работа од првиот ден – време е Скопје конечно да почне да функционира.“









