Ѓоко Велковски, заменик министер за социјална политика, демографија и млади, во денешното интервју за Радио Слободна Европа вели дека ликвидноста на Фондот за пензиско осигурување може да се подобри со зголемување на бројот на работници на пазарот на труд
Тоа, како што рече тој одговарајќи на едно од прашањата, може да се направи со поголемо стимулирање на вработеноста кај неактивните приматели на социјална помош од дрќавата.
– Според сите статистики што ги имаме, во Македонија сè уште има доволен број луѓе што можат да бидат вработени. Ќе дадам еден пример: во системот на социјална заштита денес имаме 32.000 семејства што користат гарантирана минимална помош. Семејства кои имаме баба, дедо, татко, мајка, ќерка син, кои во најголем дел тие се полнолетни и работоспособни како граѓани.
Потенцијал има, но да го репрограмираме буквално системот во државата. Не може само Министерството за социјална политика да делува и да прави активни мерки. Потребен е заеднички ангажман на целата држава и другите министерства кои треба заеднички да направат оваа потреба на работна сила која годинава, според податоците, има околу 18.000 испразнети работни места и тој јаз може да се надомести и од други ресурси што со години биле оставени надвор од пазарот на труд, рече Велковски.







