Home » Работници без дупла дневница, газдите со опомена за исплата

Работници без дупла дневница, газдите со опомена за исплата

by Журнал.мк

Еден дел од работодавачите ја избегнале законската обврска за исплаќање на двојна дневница во недела. Државниот инспекторат за труд им упати опомена за исплата на додатокот. Од ССМ велат дека повеќе од 12 000 работници пријавиле прекршување на ова право. Најголемиот дел од нив се од јавниот сектор.

Дел од работниците во дејностите кои се сметаат за исклучок од недела неработен ден, не ја добиле двојната дневница која им следува согласно измените на законите за работни односи и трговија.

Неколкумина работници од дејностите кои работат во недела се јавиле во ССМ и се пожалиле дека со февруарската плата не ги добиле зголемените дневници за работењето во недела. Ниту еден од нив не сака да зборува јавно пред нашиот микрофон, оти како што велат се плашат за да не го изгубат работното место или да се соочат со други последици.

Неделата е работен ден и за многу новинари и медиумски работници. Еден од нив признава дека досега не му била исплатена дневница во недела, па воопшто не се изненадил кога во февруарската плата не добил двојна дневница за изработената недела во јануари.

„Во јануари изработив еден викенд, односно една недела, но во платата не ми беше пресметана дупла дневница. Во медиумскиот сектор одамна не се почитуваат овие права и ова е само последен пример на редица пракси за непочитување на работничките права за новинарите со години наназад. Како на пример работење во недела, на празници, прекувремено работење, работа доцна навечер, значи има многу такви моменти и искрено се сомневам дека нешто ќе се промени, бидејќи во македонските медиуми тие права се занемаруваат или воопшто не се почитуваат“, вели еден новинар, вработен во македонски медиум.

Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ) откако добил пријави и поплаки од новинари и медиумски работници од повеќе медиуми во државата дека или не им биле исплатени законски утврдените додатоци на плата за работа во недела или им биле исплатени помалку пари, апелираше медиумите во целост да ги исплаќаат додатоците за работа во недела.

Од таму велат дека според Законот на работодавачите кои ќе ги прекршат одредбите им се забранува работа од 15 дена и им се издава прекршочен платен налог. Ако работодавачот го повтори истиот прекршок во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена, а додека важи забраната за работа, работодавачот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок на плата во висина на платата исплатена претходниот месец и притоа, не смее да го намали бројот на вработените.

Од Сојузот на синдикати велат дека за два месеца откако стапи во сила законот недела неработен ден, повеќе од 12 000 работници пријавиле прекршување на правото за исплата на додаток за работа во недела.

„Најголем дел од овие работници се од јавниот сектор. Многу помалку пријави имавме од приватниот сектор, некако тие полесно се прилагодија на овие законски измени и почнаа да го применуваат законот. Повеќето се јавни претпријатија под локалните власти, каде што се сомневаме дека и намерно не беше исплатена недела како работен ден зошто сметаат дека луѓето нема да се побунат или мислеа дека за нив тоа не важи, што беше погрешно толкувано, зошто законот е ист и за сите вработени и за јавен и за приватен сектор. Ние упативме дописи до тие работодавачи да си а исправат грешката и да ја исплатата дневницата за недела, изјави Иван Пешевски“, претседател на Синдикатот за градежништво при ССМ.

Добар знак е што работниците се охрабруваат и ги пријавуваат прекршувањата. Оттаму ги потсетуваат работниците дека ако веќе изработиле 40 часа во текот на неделата, а сепак отидат во недела на работа, тогаш треба земат и додаток за осум часа прекувремена работа и плус 50 проценти поголема дневница за недела.

Од Државниот инспекторат за труд пак соопштија дека четири работодавачи не исплатиле додаток од плата за работа во недела и дека за истите е изречена мерка решение за исплата на додаток.

„Во врска со исплата на додаток од плата, при извршените вонредните инспекциски надзори, утврдено е дека 25 работодавачи исплатиле додаток од плата за работа во недела, а четири работодавачи не исплатиле додаток од плата за работа во недела и за истите е изречена мерка решение за исплата на додаток. Кај другите 11 работодавачи дадено е задолжување за достава на документација“, се вели во извештајот на ДИТ за последните контроли кои биле направени на 20 февруари.

Согласно Законот за работни односи и Законот за трговија, во дејностите кои се сметаат за исклучок од недела неработен ден, работниците треба да добијат дополнителна дневница од 50 отсто, додека пак, оние што работеле во недела, а се вработени во трговските објекти, треба да заработат зголемување на дневницата за 100 проценти или двојна дневница.

Инаку, Државниот инспекторат за труд ги објави и сите објекти кои работеле во неделите во јануари. Од оваа листа може да се види дека во јануари во недела работеле 2.400 објекти. Сепак не се работи за 2400 компании, бидејќи во објавената листа се опфатени по повеќе објекти на некоја фирма. На истата листа може да се види дека доминираат бензински станици, трговски објекти, угостителски објекти, индустриски капацитети, компании за производство на брза храна.

Законското решение за недела неработен ден стапи на сила од 01-ви јануари годинава. Со измените, 92 отсто од работниците не работат во недела. Инаку Законот опфаќа исплата за 50% повисока дневница за работниците ангажирани во дејности кои заради техничко-технолошкиот процес не смеат да бидат прекинати и за 100% повисока дневница за работа во недела за вработените во трговските центри.

Ова не е прв случај работодавачите да прават злоупотреби со исплата на средства кон работниците. И покрај законската обврска некои работодавачи во приватниот сектор на вработените континуирано не им исплаќаат регрес за годишен одмор односно К- 15. Во изминатата година прекршувања беа забележани и кај фирми кои во пандемијата зедоа државна помош од владата, а сепак не им исплатија плати на своите вработени.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More