Home » Изјава на Ковачевски во Охрид: Мојата визија е да го видам Западен Балкан – развиен, модерен, интегриран во ЕУ

Изјава на Ковачевски во Охрид: Мојата визија е да го видам Западен Балкан – развиен, модерен, интегриран во ЕУ

by Журнал.мк

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска во Охрид информираше за средбите со претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и со премиерот на Република Косово Албин Курти.

Сакав лично да им укажам на важноста која како земја сосед на Србија и на Косово, ја посветуваме на овој состанок и да им посакам успех во дијалогот, бидејќи цврсто верувам дека е неопходен и единствен пат до решение во демократскиот свет во 21-от век. Дијалогот е единствената алатка за консолидација на регионот и за европската интеграција на двете земји, порача Ковачевски.

Ковачевски нагласи дека „отворен дијалог, со кој се решаваат отворените прашања од различни аспекти, е од огромна важност и за регионалната стабилност, одржувањето на мирот и патот кој води кон просперитетна иднина, не само за Србија и Косово, туку и за целиот регион“.

Премиерот на Северна Македонија истакна дека предлогот на ЕУ има потенцијал да ги нормализира односите на Србија и Косово и да придонесе кон севкупната стабилност.

Ковачевски соопшти дека ги охрабрил претседателот Вучиќ и премиерот Курти да бидат конструктивни и да имаат продуктивен ден и изрази благодарност до Соединетите Американски Држави, за нивната континуирана поддршка на дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Во продолжение на својата изјава Ковачевски рече дека Република Северна Македонија не случајно е избрана како земја домаќин на овој дијалог.

Северна Македонија денес е препознаена како почитуван партнер на меѓународната заедница и фактор на стабилност во регионот. Договорите кои ги потпишавме: Охридскиот, Преспанскиот како и Договорот за добрососедство, се потврда за нашиот европски дух, за затворање на прашања со кои го трасираме патот на иден развој на земјата. Владата, предводена од мене и СДСМ, спроведува политики на решавање, а не политики на создавање проблеми, истакна Ковачевски во својата изјава за медиумите по неговите билатерални средби со Вучиќ и Курти во Охрид.

Ковачевски уште потенцираше дека земјите во регионот имаат раководства кои се однесуваат европски, а нивните земји заслужуваат европска перспектива.

Токму затоа сега е вистински момент, да се забрза евроинтегративниот процес, кој е важен за сите земји од Западниот Балкан. Нашата земја со поддршка на ЕУ, постигна историски исчекор кој го трасира патот кон европските и евроатлантските интеграции. Станавме членка на НАТО, а во јули минатата година ја одржавме првата меѓувладина конференција со ЕУ во Брисел. Во тек е и билатералниот скрининг, којшто се одвива исклучително успешно, што е констатација на ЕУ, а не само наша. Да потсетам дека ветувањето на претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен, договорот меѓу ФРОНТЕКС и Северна Македонија да биде потпишан на македонски јазик, се исполни и истиот беше потпишан во октомври минатата година. Со тоа македонскиот јазик и македонскиот идентитет се целосно заштитени и се дел од европското семејство каде ќе бидат вреднувани и ќе се развиваат. Истовремено ЕУ го одржа своето дадено ветување, нагласи премиерот.

Тој во своето обраќање додаде дека „местото на Западен Балкан е во Европската унија, географски, историски, политички или цивилизациски. Особено во услови на геополитички превирања, длабока поделеност на светот и воена агресија на европскиот континент, ова е важно да се нагласи повеќе од кога било досега“.

Сите се залагаме за подобра иднина за целиот Западен Балкан, каде конфликтите и несогласувањата ќе останат во минатото. Затоа, сакам јасно да порачам дека ние сме политичари кои носат тешки, но државнички одлуки. Никому не му е лесно во вакви ситуации, бидејќи дијалогот, значи и отстапки, но знаеме дека тие тешки одлуки се за подобра иднина на сегашните и идните генерации. Сигурен сум дека времето ќе покаже дека сме земја која секогаш била на вистинската страна на историјата, мирољубива, со добра мисла и грижа за нас, за соседите, за доброто на сите, а и во иднина ќе продолжиме по истиот пат, истакна Ковачевски.

Премиерот на крајот изјави дека неговата визија е да го види Западен Балкан, развиен, модерен, интегриран во ЕУ.

Тоа е наш приоритет, за тоа работиме и кон тоа се стремиме. Нашите граѓани да живеат дома, граѓаните на сите наши држави на Западен Балкан да живеат дома со подобар стандард и квалитет на живот. А напредокот кон европската интеграција на државите од Западен Балкан е и цел на Берлинскиот процес и на иницијативата Отворен Балкан. Ќе продолжиме да ги градиме регионалните иницијативи за развој на економијата и на стопанството, како и мобилност на граѓаните, порача Ковачевски.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More