домаМакедонијаЗНАМ предлага измени на Законот за семејството: Посвоените лица да можат да...

ЗНАМ предлага измени на Законот за семејството: Посвоените лица да можат да добијат информации за своето потекло

- Advertisement -spot_img

Пратеничката група на Движење ЗНАМ поднесе предлог за изменување и дополнување на членот 123-а од Законот за семејството, со кој се предлага да се овозможи посвоените лица да добијат одредени информации за своето потекло во законски утврдена постапка и под посебни услови.

Од партијата велат дека целта е да се надмине проблемот со постојната законска забрана за пристап до информации поврзани со посвојувањето, особено во случаи кога тие се од суштинско значење за здравјето на посвоеното лице.

„Со децении, тајноста на посвојувањето претставува пречка за пристап до сите информации, дури и кога тие се од суштинско значење за здравјето на посвоеникот. Постојниот закон не предвидува никаков механизам за индивидуална проценка, ниту можност институциите да ги разгледаат специфичните околности на секој случај“, наведуваат од ЗНАМ.

Како потврда за потребата од законски измени, од партијата ја посочуваат пресудата на Европскиот суд за човекови права во предметот „Митревска против Македонија“ од 2024 година. Според нив, Судот утврдил повреда на правата поради целосното ограничување на пристапот до информации што ѝ биле потребни на подносителката заради нејзината здравствена состојба.

Од ЗНАМ посочуваат дека со предложените измени не се укинува тајноста на посвојувањето, ниту се предвидува неограничен пристап до податоците.

„Тајноста останува правило, а пристапот до информации се предвидува само во законски утврдена постапка и со одлука на стручна комисија, која ќе мора да ги оцени сите околности на секој поединечен случај и ќе ги штити правата на сите засегнати лица“, се наведува во соопштението.

Од партијата нагласуваат дека доставениот текст не е конечен законски предлог, туку основа за стручна и општествена дебата. Затоа повикуваат на широка јавна расправа во која ќе учествуваат експерти, граѓански организации, академската заедница, надлежните институции и заинтересираните граѓани.

„Нашиот принцип не е да предложиме законски измени подготвени зад затворени врати, без да го слушнеме мислењето на сите. За ваквиот принцип на транспарентно и отчетно носење на законите ќе се залагаме и понатаму во нашето работење“, порачуваат од Движење ЗНАМ.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img