Скопје синоќа го здрма земјотрес со јачина од 4,8 степени според Рихтер. Тресењето беше силно – особено во висококатниците. Среќа се помина за кратко и без несакани последици.
Инаку, на секој посилен потрес, Скопје се потсетува на најболната страница од историјата – 26 јули 1963 година, кога 6,1 степен по Рихтер, го разурнаа градот за само дваесет секунди. Загинаа над 1.000 луѓе, илјадници беа повредени, а повеќе од 200.000 останаа без дом.
Синоќешниот потрес, не предизвика штети, но не потсети дека живееме во сеизмичка зона и пак ги наметна прашањата: Колку скопјани знаат како да се однесуваат за време на земјотрес? Дали институциите организираат практични обуки или барем повремено да даваат насоки? Дали семејствата имаат план што да направат во првите критични секунди?
Некогаш Цивилната заштита организираше вежби и симулации. Се учеше како да се реагира, каде да се засолниш, како да им помогнеш на другите. Денес, реакцијата најчесто се сведува на статуси на социјалните мрежи и споделување фотографии од лустери што се нишаат. Но Фејсбук при земјотреси не може да спасува животи.
Затоа можеби е време повторно да се врати системска и редовна обука, затоа што подготвеноста не се гради со објави, туку со знаење и вежба.









