Скопје, 5 април, Zhurnal.mk – “Zhurnal.mk”, неофицијално дознава дека поранешниот претседател на Северна Македонија, Стево Пендаровски, се подготвува за формирање на нов политички субјект.
Според непотврдени извори, Пендаровски остварува средби и консултации со соработници и личности од јавната сцена, со цел создавање нова политичка платформа која ќе има за цел учество во претстојните изборни процеси.
Сепак, досега нема официјална потврда од самиот Пендаровски или од негови блиски соработници во врска со оваа иницијатива. Деталите за структурата, програмата и времето на евентуалното формирање на новиот субјект сè уште не се познати.
Пендаровски пред неколку дена упати силно предупредување до раководството на Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), нагласувајќи дека партијата се наоѓа на критична раскрсница и, без длабоки промени, може да се соочи со натамошен пад и политичка маргинализација.
„Кога тоа не го направивте, рецептот е јасен: или променете ја политичката стратегија и пристапот кон граѓаните, или донесете нови луѓе кои знаат како да допрат до различни слоеви на електоратот“, истакна тој.
Иницијативата за формирање нов политички субјект од страна на Пендаровски доаѓа како одраз на актуелните случувања на политичката сцена, особено внатре во СДСМ.
Според изворите, оваа можност е поврзана со оценката дека СДСМ се наоѓа во критична фаза и, без спроведување на длабоки структурни и програмски реформи, ризикува понатамошен пад и политичка маргинализација.








