Силното невреме што ја зафати јужна Грција предизвика големи поплави на Крит, а две лица се повредени откако се урна мост додека тие го минувале во областа Ретимно, соопштија локалните власти. Повредениот пар се движел преку мост во Ливадија – планинско село на околу 40 километри југозападно од Ираклион – кога поројните води оштетиле дел од конструкцијата, пренесува информативниот портал „Екатимерини“.
Двајцата се пренесени во болница на лекување, а нивната состојба засега не е позната. Невремето исто така доведе до прекин во снабдувањето со електрична енергија, па Зонијана, Ливадија и Аногеја останаа без струја.
Силните врнежи во планинската област Милопотамос ги принудија надлежните да ги затворат сите училишта и градинки. Училиштата не работат ниту во Ханија и Ретимно.
Градоначалникот Јоргос Кладос побара од министерот за климатски кризи и цивилна заштита, Евангелос Турнас, да прогласи вонредна состојба во општина Милопотамос поради обилните врнежи што го погодија регионот, предизвикувајќи сериозни проблеми, главно во планинските села.
Во Зонијана водените порои носеле автомобили, се наведува во извештаите. Слична ситуација е забележана и во Ливадија, а патиштата ширум Крит претрпеа големи оштетувања.
Рано утрово беше упатен итен апел до граѓаните да го ограничат движењето и да ги избегнуваат подрачјата околу Зонијана, Ливадија и Милопотамос.
Траектните линии од атинските пристаништа Рафина и Лаврио се суспендирани, а пристанишните власти очекуваат подоцна во текот на денот да објават ажурирани информации за тоа дали поаѓањата ќе можат да продолжат од пладне па натаму.
Националната метеоролошка служба (EMY) прогнозира нестабилно време во јужна Грција, особено на Крит, сè до недела, проследено со олујни ветрови во Егејското Море.






